Арсовска им најде замена на директорите од ВМРО-ДПМНЕ

Минатата недела Арсовска изјави дека Градот Скопје ќе продолжи да функционира како и досега, но со личности што ќе имаат повеќе интегритет од досегашните директори на јавните претпријатија, за кои кажа дека единственото нешто што ги интересира се политички мотивирани заднини

Градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовка им најде замена на директорите од ВМРО-ДПМНЕ во јавните скопски претпријатија, откако речиси сите директори поднесоа оставки или беа разрешени од функциите во изминатиот период. Новите в.д. директори, посочуваат од кабинетот на Арсовска, денеска се назначени на своите позиции во претпријатијата:

ЈП „Лајка“ – Радмила Пешева на местото на Воислав Димитровски;
ЈП „Улици и патишта“ – Саид Саид на местото на Борис Настов;
ЈП „Градски паркинг“ – Крсте Петревски на местото на Бојан Христовски;
ЈП „Паркови и зеленило“ – Реџепи Зухејр на местото на Ангеле Сотировски;
ЈП „Дрисла“ – Александар Кузинаков на местото на Јане Мицевски.

Од кабинетот на Арсовска додаваат дека со ЈП „Комунална хигиена“ ќе продолжи да раководи Косана Мазнева, Јавното скопско претпријатие (ЈСП) останува под раководство на Александар Стојковски, а Марјан Митевски е неодамна назначениот директор на ЈП „Водовод и Канализација“.

„Новите в.д директори ќе имаат обврска и одговорност во следните 6 месеци да ги спроведат неопходните реформи со цел консолидација на јавните претпријатија во периодот кој следи од аспект на справување со економската и енергетската криза. Обврските се во насока на оптимизација на средствата и процесите, намалување на трошоците и кратење на сите непродуктивни трошења, како и спроведување на реформата во сегментот на вработувања во претпријатијата со која нема да се дозволи лица кои не одат на работа или не ги извршуваат работните обврски да бидат платени од буџетските средства“, посочуваат од Градот Скопје во соопштението.

Низата оставки во Градот Скопје почнаа со разрешувањето на доскорешниот в.д. директор на ЈП „Водовод и канализација“ Златко Перински и на генералниот секретар на градот, Ѓоко Велковски поради, како што кажа Арсовска, самоволие и сомнежи за влијание во тендер за пречистителна станица вреден 136 милиони евра.