„Формирањето на Градски Еко Совет, предлог Закон за прогласување на Водно за заштитена парк шума, 24-часовна телефонска линија за комуникација со градската администрација, поевтин паркинг за скопјани, поставувањето на бројчаници на семафорите и пристапност на лицата со попреченост до сите градски институции, се само дел од активностите кои се реализирани за првите 82 дена од раководењето со градот“. Ова на денешната прес-конференција го изјави градоначалничката на главниот град, Данела Арсовска која потенцираше дека за првите три месеци од мандатот имаат реализирано и повеќе од ветеното.
Таа посочи дека се исчистени и над 150 диви депонии во Градот, од кои над 120 мапирани за време на изборната кампања.
Арсовска истакна дека се воведени редовни ноќни линии на автобускиот превоз, особено за време на викендот, а покрај активирањето на ноќните линии, овозможени се нови линии до населени места на периферијата на градот.
Арсовска информираше дека е инициран и предлог Закон за прогласување на Водно за заштитена парк шума, во соработка со здруженијата „О2” и „Го сакам Водно”, а негова главна цел ќе биде заштита на Водно како зелен појас.
Таа дополни дека Град Скопје отвори 24-часовна телефонска линија во служба на граѓаните преку која остваруваат редовна и брза комуникација со градската администрација преку телефонскиот број 02 3207 536. Целта на оваа 24-часовна линија, како што информираше таа, е редовно да се одговара на поднесените писмени барања од граѓаните и барањата со кои се обраќаат до Градот Скопје за каков било проблем или предизвик.
Градоначалничката Арсовска истакна дека е реализирано и ветувањето за поевтин паркинг за скопјани, како и поставувањето на бројчаници на семафорите.
Истакна дека по две години повторно е во функција жичницата до врвот на Водно.