Арсовска: Еден министер секојдневно врши притисок да замолчам за криминалот до избори

Таа го повика шефот на Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција, Ислам Абази, да постапи по, како што вели, „доказите за криминал“ поврзани со институции од Владата.

Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска на Фејсбук упати остри критики кон дел од владините функционери, тврдејќи дека „еден од министрите секојдневно врши притисок преку дипломатски претставништва за да престане да говори за криминалот до избори“.

Таа го повика шефот на Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција, Ислам Абази, да постапи по, како што вели, „доказите за криминал“ поврзани со институции од Владата.

„Го повикувам Ислам Абази да ги оправда тие два проценти доверба кои ги има обвинителството кај граѓаните и да постапи по доказите за криминал“, напиша Арсовска, додавајќи дека во спротивно се создава опасен преседан во кој секој би можел да гради „безбедни дивоградби“ и да обезбедува бесплатни станови со бесплатна вода и струја, без никаква одговорност.