Арсовска до Тошковски: Ако се плашиш од тие што тепаат по улици, дади си оставка

„Министерството за внатрешни работи ги брани оние кои што напаѓаат и тепаат по улици или можеби се плашите од нив. Ако се плашите, Тошковски ако се плашиш дади си оставки и дај некој што е храбар, што има срце, што има душа нека оди да се справува со овие луѓе. Треба ли да се плашиме да излеземе од дома“, вели скопската градоначалничка.

Снимено во автомобил, Арсовска во видеото вели во полициската станица биле заедно со советничката Ирена Витина и таму останале повеќе од два часа.

„Некаде по првиот час расположението во полициската станица нагло се промени по што почнаа да се обидуваат да го прикријат овој настан што се случи со цел да го заштитат лицето кое што всушност физички се пресметуваше, односно физички ме нападна“, наведува Арсовска.

Во станицата, како што тврди, била прашувана што барала во Чаир и зошто одела на терен.

„Ако целта ви е да ме спречите да излегувам на терен еве уште веднаш ќе ви кажам тоа нема да се случи и нема да ме спречите да одам на терен“, вели градоначалничката на Скопје.

Таа уште еднаш ја раскажа својата верзија на настанот, односно инцидентот во Чаир, каде биле заедно со (градежниот) инспекторатот на Град Скопје и со двајца униформирани полициски службеници на Министерството за внатрешни работи.

Арсовска вели дека првин била физички нападната од лицето што го посочува, а кое потоа, како што тврди, продолжило грубо да ѝ се заканува на неа, но и на другите присутни службени лица од Град Скопје.

Полицајците, тврди градоначалничката, не реагирале на заканите и му дозволиле на лицето да се јавува на телефон и да се заканува.

„Лицата што беа од МВР цел еден час стоеја покрај него, си разговараа со него, притоа дозволувајќи му да сврти едно дваесетина телефонски повици во кои јавно и јасно упатуваше закани за членовите на моето семејство“, вели Арсовска, тврдејќи дека имало обиди за напад и врз службениците од Град Скопје.

Пред да замине во полициска станица, вели дека три часа поминала во Градската општа болница „8 Септември“, каде ѝ била укажана лекарска помош.

„Министерството за внатрешни работи ги брани оние кои што напаѓаат и тепаат по улици или можеби се плашите од нив. Ако се плашите, Тошковски ако се плашиш дади си оставки и дај некој што е храбар, што има срце, што има душа нека оди да се справува со овие луѓе. Треба ли да се плашиме да излеземе од дома“, вели скопската градоначалничка на крајот од видеото.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вечерва во интервју во централниот Дневник на ТВ Сител рече дека во врска со настанот во Чаир во полициска станица е приведено лицето што го посочува Арсовска, како и две други лица кои се заканувале и дека се преземаат мерки за утврдување на сите факти.

Сепак говорејќи за конкретниот настан и повикувајќи се на информации што ги добил, Тошковски рече дека треба да се почека да се утврдат сите факти, бидејќи, како што имплицираше „да не излезе дека тој што се претставува како жртва е токму оној кој предизвикал физички напад“.

Ниту еднаш не ословувајќи ја по име и презиме, туку со „госпоѓата“ или „г-ѓата градоначалничка“, Тошковски наведе дека Арсовска по настанот не дошла веднаш во полициска станица, а откако се појавила не сакала да го потпише записникот од пријавата.

Во меѓувреме, како што кажа министерот, таа била во болница, каде од страна на лекар и била констатиран лесна телесна повреда, односно црвенило на левата потколеница.

Тој изрази длабоко жалење без оглед, како што кажа, кој е нападнат во ситуацијата, додавајќи дека особено осудува напад на жена и особено доколку таа г-ѓа е избрана на избори за градоначалник. Но, надоврзувајќи се кажа да не излезе случајно дека сето ова е едно добро смислено сценарио за политички циркус каде за нему непознат интерес жртвата ќе биде токму оној којшто сторил физички напад.

Прашан за тврдењата на градоначалничката Арсовска дека инцидентот се случил пред полициски службеници кои не интервенирале, министерот за внатрешни работи рече дека фактичката состојба ќе биде утврдена и оти никој не смее да чувствува небезбеден во државата, но исто така, додаде, не смее да се дозволи македонската јавност некој грубо да ја манипулира.