Арсовска додели признанија на најдобриот пожарникар, полицаец и крводарител за 2023

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска свечено им ги додели традиционалните награди и признанија на најдобриот пожарникар, полицаец и крводарител на град Скопје за 2023 година, кои во текот на изминатата година ја демонстрирале својата храброст и солидарност. Радува фактот што станува збор за луѓе избрани од својот колектив како најдобри, со што се надеваме ќе се поттикнат сите наши сограѓани да ја покажат својата храброст и хуманост.

За најдобар пожарникар во 2023 година истакнат со особено ефикасно и успешно работење е прогласен Здравко Милевски предложен од Командирот на вод на Бригадата за противпожарна заштита Скопје. Милевски во изминатата година учествувал во гаснењето на бројни пожари и учествувал во технички интервенции со што придонел за намалување на материјални штети и спасување на човечки животи.

За најдобар полицаец е прогласен Сашо Божиновиќ, вработен во Полициската станица од општа надлежност Аеродром при СВР Скопје. Божиновиќ е предложен од Секторот за внатрешни работи Скопје, за особени резултати при реализација на многубројните задачи и активности за потребите на СВР Скопје и значаен придонес во тимот.

Светлана Трајкова е најдобра жена крводарител на подрачјето на Град Скопје за 2023 година, која е предложена од Црвениот крст на Град Скопје, како докажан волонтер и истакнат позитивен пример, кој претставува поттик на сите генерации да станат крводарители и волонтери во хуманитарни акции. Трајкова е добитник и на признание за најуспешна жена крводарител која Црвен крст на град Скопје традиционално jа доделува по повод 13 Ноември.