Арсовска: Градоначалникот Стојкоски со подметнување документи и без согласност од градот донесе план за бетонизација и загадување на Ѓорче Петров

Градоначалничката Данела Арсовска денеска на прес-конференција кажа дека новиот Детален урбанистички план (ДУП) за населбата Ѓорче Петров е донесен незаконски, со подметнување на документи од градоначалникот Александар Стојкоски. Таа рече дека планот за градска четврт C3 е донесен без согласност на Град Скопје, што е незаконска постапка, а Министерството за транспорт и врски потпишало позитивно мислење и покрај забелешките на Град Скопје.

„Со овој план се покажа на дело коалицијата Мицкоски-Заев. На 17.02.2024 година во сабота, на вонредна седница на Советот на Општина Ѓорче Петров, спротивно на сите процедури и со кршење на повеќе закони изгласан е Детален урбанистички план со кој се предвидува изградба на бетонски монструм составен од 50 згради и три нови индустриски и деловни капацитети од хемиската индустрија. За овој план во два претходни наврати Градот Скопје дал негативно мислење и забелешки кои Општината била должна да ги отстрани и повторно да го испрати Деталниот урбанистички план на одобрување во Градот. Ние баравме да се намали висината на оние места каде што има десеткатници максималната висина да биде 5 ката, а каде има 21-катница максималната висина да биде 9 ката. По две негативни мислења, градоначалникот Александар Стојкоски одлучил, кршејќи го законот, да го прескокне градот и планот како конечен да го испрати на одобрување во Министерството за транспорт и врски со кое министерува Благој Бочварски, човек поставен од Зоран Заев“, рече Арсовска.

Таа кажа дека ќе поднесе иницијатива до Уставен суд за времено стопирање на овој план, додека целосно не се укине, а најави дека ќе поднесе кривични пријави против Стојкоски и вработените во Министерството за транспорт и врски за кршење на процедурите и носење на план без согласност на Градот.