Инспекторатот за животна средина изрече парична казна за Општина Аеродром и градоначалникот Тимчо Муцунски во висина од 88.000 евра во денарска противвредност, поради исфрлање отпад на јавна површина, со што се загрозуваат животната средина и здравјето на граѓаните. Од Град Скопје известија дека Општина Аеродром, преку компанијата „Пирамид билдинг” ангажирана на тендер, наместо на предвидената локација во ЈП „Дрисла”, го исфрлала општинскиот отпад на зелена површина, во парк во близина на управната зграда на ФФМ на булеварот АСНОМ, со што направиле нова дива депонија.
Од Општина Аеродром веднаш реагираа и сметаат дека изречената парична казна е поради политичка омраза на скопската градоначалничка Данела Арсовска.
– Непознавањето на законите, ниското ниво на политичка култура и политичкото ривалство кое, за жал, кај градоначалничката Арсовска веќе е сведено на ниво на политичка омраза, оди дотаму што, по нејзин налог, извршителите во Градот Скопје добија насока да изречат монтирана и целосно неточна прекршочна санкција за Општина Аеродром.
Оттаму сметаат дека наводите наведени во информација на Град Скопје доставена во медиумите „се целосна лага, смислена во центарот за креирање лажни вести и фејк кризи лоциран во бараките на Град Скопје“.
– Потенцираме дека, до овој момент, до Општина Аеродром нема стигнато никаква документација поврзана со наводите наведени во соопштението до медиумите. По евентуалното добивање на документацијата поврзана со санкцијата, фактот дека таа е целосно неточна ќе го докажеме во соодветна законска постапка пред надлежните институции. Воедно, не ја исклучуваме можност за поведување кривична постапка до инспекторите кои изрекле ваква незаконска санкција, како и до сите одговорни лица во Градот Скопје, вклучувајќи ја градоначалничката Арсовска – нагласуваат од Општина Аеродром.
Посочуваат дека Арсовска е единствениот виновник за комуналниот хаос во градот.
– Наместо да диригира смешни прекршочни решенија, неопходно е правниците и инспекторите кои се дел од нејзиниот тим, да ги упати на повторна едукација на Правниот факултет, каде што ќе ги научат основните принципи за толкување на законот и изрекување прекршочна санкција. Воедно, самата Арсовска наместо да се занимава со наместени, паушални и конструирани постапки со кои дополнително си го намалува рејтингот приближен до „нула“ , пополезно ќе биде да се посвети на проектите кои ги ветуваше пред граѓаните, како гимназија во Аеродром, мегапарк зад ФФМ и иновациски парк зад кулите на „Џевахир“ – потенцираат од Општина Аеродром.
Сметаат дека политичката омраза, креирањето лажни постапки и паушалното пласирање скандали се карактеристика за слабите политичари и лошите менаџери и само очаен обид за дефокус на јавноста од реалните проблеми со кои се соочува градот.
– Политичкото ривалство треба да се води на цивилизиран начин, онака како што прилега на современи политичари, преку инвестиции, грижа за граѓаните и реализација на проекти. Најодговорно тврдиме дека во изминатиот период Општина Аеродром има повеќе реализирани проекти во споредба со сите проекти на Арсовска во цело Скопје. На крајот, уште еднаш потсетуваме дека грижата за здравјето и животот на граѓаните е наш врвен приоритет, а постапувањето согласно со законите –единствен императив во работењето на Општина Аеродром – велат од Аеродром.
Од Град Скопје нагласуваат дека рокот за намирување на казната е 8 дена од денот на изрекувањето, во спротивно, таа присилно ќе се наплати.
– Дополнително, против сите прекршители ќе бидат поднесени и соодветни кривични пријави – велат од Град Скопје.