
Арсовска во кривична пријава за Ганиу ја открива шемата со дивоградбите во Чаир
Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска до Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција достави кривична пријава против градоначалникот на Чаир Висар Ганиу и уште неколкумина вработени во општината во која наведува дека во општината наводно се користи фалсификувана деловодна книга во која се воделе барањата за легализации на дивоградби.
Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска до Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција достави кривична пријава против градоначалникот на Чаир Висар Ганиу и уште неколкумина вработени во општината во која наведува дека во општината наводно се користи фалсификувана деловодна книга во која се воделе барањата за легализации на дивоградби.
Според кривичната пријава, граѓаните кои навремено поднесувале барања да легализираат балкони или делови од куќи што им биле наследство биле одбивани од општината во законскиот рок, за потоа со искористување на нивното бројче од одбиеното барање во наводно фалсификуваната деловодна книга да се легализираат дивоградби и висококатници на други луѓе што граделе објекти 10 години по носењето на Законот за легализација на дивоградби а во времето на поднесувањето биле малолетници. Во кривичната пријава пишува дека граѓаните чии балкони и делови од куќи биле одбивани за легализација, носеле геодетски елаборати во обид да ги легализираат.
Арсовска бара од ОЈО ГОКК да обезбеди еден крунски доказ за нејзините тврдења кој не би можело да биде фалсификуван и кој треба да се користи како референтна точка – регистарот за поднесени барања за утврдување правен статус на бесправни објекти што го води Министерството за транспорт. Како што изјави Арсовска за „Слободен печат“, кога ќе се спореди регистарот што го води општина Чаир со оној од Министерството за транспорт ќе се докаже дека книгата во општина Чаир е фалсификувана, во неа се менувани податоци и се додавани дополнителни деловодни броеви.
„Апелирам ОЈО ГОКК итно да ја обезбеди архивската книга од општина Чаир како и Регистарот од Министерството за транспорт која ги содржи податоците со кои недвосмислено се докажува дека архивската книга од општина Чаир не соодветствува со регистарот на Министерството за транспорт и врски бидејќи е фалсификувана“, вели Арсовска за „Слободен печат“.
Таа вели дека дополнителни докази во форма на оштетени страни и сведоци, многу лесно ќе се прибават имајќи предвид колку граѓани се оштетени во текот на овие кривични дела, односно нивните барања поднесени во законскиот рок биле одбиени за потоа истите броеви на барања да бидат злоупотребени од други лица.