Фудбалерите на Арсенал го совладаа Манчестер Сити во дербито на 8. коло од Премиер лигата со 1:0 (0:0) и го забележаа првиот триумф во лигата по осум години против актуелниот шампион.
Стрелец на единствениот гол беше Габриел Мартинели во 86. минута. Бразилецот шутираше од работ на шеснаесетникот на асистенција на Хаверц, а топката на патот кон голот го погоди Аке и го измами голманот Едерсон.
Еден од „тивките херои“ на овој меч беше Вилијам Салиба, кој излезе како победник во сите дуели, а процентот на успешност на додавање му беше 97%.
Ова беше важна победа и за тренерот Микел Артета, кој со нетрпение очекуваше да игра против Пеп Гвардиола, неговиот учител и ментор, со кој работеше во Сити.
Арсенал е изедначен на врвот на табелата со градскиот ривал Тотенхем со по 20 бодови, додека Сити е трет со 17.