Управата на Ливерпул не чекаше предолго за да го официјализира доаѓањето на наследникот на Јирген Клоп. На германскиот стратег му истече договорот со последниот премиерлигашки меч против Вулверхемптон и замина од таборот на „црвените“, а управата веднаш го потврди пристигнувањето на Арне Слот од Феенорд.
Холандскиот тренер ги имаше договорено сите услови со славниот англиски клуб и веќе е познато дека официјално ќе го преземе тимот на први јуни.
Останува само да ја добие задолжителната работна дозвола, по што ќе следува и промоцијата во клупските простории.
Слот ќе ја започне новата ера во Ливерпул и ќе се обиде да го задржи клубот на победнички патеки, односно да ја продолжи успешната работа на Клоп, кој вкупно освои седум важни трофеи за нешто повеќе од осум години.
Новата сезона во Премиерлигата започнува на 17 август, а ждрепката за првото коло ќе се одржи на 18 јуни.
Ливерпул со новиот тренер ќе отпатува и на летна турнеја во САД, каде ќе одигра по еден пријателски натпревар со големите ривали, Арсенал и Манчестер Јунајтед.