![](https://triling.mk/wp-content/uploads/2025/02/tirz.jpg)
„Аптив“ си заминува, „Џонсон Мети“ ќе крати работни места: Кризата удри во ТИРЗ
Инаку, од „Аптив“, каде што работно се ангажирани околу 500 лица, велат дека „поради оптимизирање на производствените капацитети, согласно случувањата на глобалниот пазар, производство од Бунарџик го селат во нивните погони во Полска и Португалија, а во Македонија се затвора“.
Ирско – американската компанија „Аптив“ го затвора погонот во ТИРЗ Бунарџик кај Скопје, а британскиот гигант „Џонсон Мети“, најголемиот извозник од Македонија, ќе ги намали бројот на вработени, објави синоќа ТВ „Телма“. Кризата во светот, очигледно удира и по компаниите во технолошко индустриките развојни зони, посебно оние од автомобилската индустрија, за што веќе се зборува некое време. Тоа го покажуваат и податоците за надворешно трговската размена со светот, кои се во надолен тренд.
Инаку, од „Аптив“, каде што работно се ангажирани околу 500 лица, за „Телма“ велат дека „поради оптимизирање на производствените капацитети, согласно случувањата на глобалниот пазар, производство од Бунарџик го селат во нивните погони во Полска и Португалија, а во Македонија се затвора“.
Оваа глобална компанија е присутна во 50 земји со над 200 илјади вработени, според информациите од нивната корпоративна интернет страница.
Таа е еден од најголемите добавувачи во автомобилската индустрија кој што произведува и доставува напредни електрични, електронски и безбедносни технологии насекаде во светот, овозможувајќи им на производителите на возила ширум светот да креираат возила кои што се побезбедни и подобро поврзани со околината.
Во 2016 година, „АПТИВ Сервисес Македонија“ ја отвори својата прва локација во Македонија, во Скопје – Технолошка индустриска развојна зона, Бунарџик. АПТИВ во Македонија има околу 500 вработени кои што произведуваат за автомобилската индустрија во светски рамки.
Во дописот од компанијата за „Телма“ се вели и дека „имаат план за поддршка на вработените во текот на целата транзиција, која ќе биде во согласност со локалните закони и прописи“, односно дека вработените ќе добијат соодветно обештетување.
Од „Џонсон Мети“, пак, која е убедливо најголемиот извозник од Македонија изјавија дека ќе го намалат бројот на работни позиции поради глобалните случувања.
„Со оглед на неодамнешните глобални економски притисоци на автомобилскиот пазар, правиме прилагодувања на сменските модели во некои наши локации за да ја балансираме понудата со побарувачката во блиска иднина. Ова, за жал, ќе резултира со ограничен број на работни места кои би биле предмет на намалување“, се вели во дописот од „Џонсон Мети“ до „Телма“.
Во синоќешната „Топ Тема“ на „Телма“, универзитетскиот професот Ванчо Узунов, коментирајќи ги најновиоте глобални случувања и најавата за воведување царини од страна на САД за Европската унија рече дека тоа посредно ќе се одрази и врз македонската економија.
„Германија е голем извозник во САД, а најголем дел од македонскито извоз е во Германија“, објасни професорот Узунов, додвајќи дека вистинската криза кај нас ќе се почувствува кога таа ќе удри и врз компаниите надвор од ТИРЗ, а кои имаат извоз во Германија.
Инаку, вчера „Незавсен“ објави дека минатата година значајно опаднала трговската размена меѓу Македонија и Обединетото Кралство, но и инвестициите од овој важен трговски партнер на нашата земја.
Како што покажуваат податоците на Одделот за бизнис и трговија на Обединетото Кралство, трговската размена меѓу двете земји изнесуваше 1,7 милијарди фунти заклучно со третиот квартал 2024 година, што е помалку за 21,9 отсто во однос на претходната година,
При тоа, извозот од Обединетото Кралство во Македонија паднал за 20,5 отсто на 1,4 милијарди фунти, а увозот (од Македонија во Обединетото Кралство, заб.) се намалил за 28,1 отсто на 292 милиони фунти.
Македонија е рангирана како 74-ти најголем трговски партнер на Обединетото Кралство, со 0,1 отсто од вкупната трговија на оваа земја.
Петте најзначајни производи кои се извезувале од Обединетото Кралство во Македонија до крајот на третиот квартал лани биле обоените метали, неоргански хемикалии, други хемикалии, текстилни ткаенини и пијалоци и тутун.
Во спротивна насока, односно петте најувезувани производи во ОК од Македонија во истиот период биле мебелот, разни електрични стоки, општи индустриски машини, медицински и фармацевтски производи и метални руди и отпадоци.
Најзначајна британска компанија која работи во земјава е „Џонсон Мети“, која доминира во македонскиот извоз со години. Според податоците објавени минатата година, компанијата во Македонија во 2023 година имала приход од 2,38 милијарди евра, помал за 4 насто во споредба со 2022 година, кога изнесувал 2,47 милијарди евра. Британската компанија произведува катализатори, а ја отвори својата прва фабрика во зоната Бунарџик во 2010 година.
Според податоците на Државниот завод за статистика, пак, вкупната вредност на извозот на стоки од Македонија, во периодот јануари – ноември 2024 година, забележа пад од 5,9 отсто во однос на истиот период од претходната година. Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија (што се произведуваат во „Џонсон Мети“, заб. ), потоа сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта од подгрупата 821.1 и други катализатори на носачи.
Во увозот најмногу се застапени нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав, платината и легурите на платина, необработени или во прав и други моторни возила за превоз на лица.
И податоците на македонската статистика покажуваат значаен пад во размената во овој период токму со Германија (од 9,2 отсто) и со Велика Британија, од околу 11 отсто.