Апсолутно стоиме до потезите на нашиот стратешки партнер: Мицкоски за акцијата на САД во Венецуела

Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека како Влада ги поддржуваат аргументите и потезите на САД против претседателот на Венецуела, Николас Мадуро.

Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека како Влада ги поддржуваат аргументите и потезите на САД против претседателот на Венецуела, Николас Мадуро.

„Ние како Влада апсолутно стоиме до аргументите и потезите на нашиот стратешки партнер САД“, изјави Мицкоски.

На забелешката дека нема ниту една резолуција на Обединетите нации за да се случи вакво нешто (акцијата на САД во Венецуела и заробувањето на Мадуро, заб), Мицкоски одговори: „Имаше и Хашка пресуда дека не треба да се блокира Македонија, па се блокираше и тогаш имаше громогласна тишина од сите тие што денес коментираат“.

Мицкоски, одговорајќи на прашања на новинарите денес на отворањето нова детска градинка во Сопиште, која е позицијата на Македонија во однос на акцијата на САД во Венецуела, односно зошто се избрза (по изјавата на министерот Муцунски), за разлика од европските држави кои се воздржани во ставот, односно дека Мадуро не бил легално избран, но сепак се поткопува меѓународното право, рече дека најмногу го загрижува громогласната тишина која што тие исти европски и светски земји се случувала во минатото кога „меѓународното право се кршеше на грбот на Македонија и македонскиот народ“.

„Како тогаш сите тие се оглувеа и никој не го коментираше сето тоа и како сега наеднаш сите тие коментираат дали тоа било меѓународно право или не било, Познавам голем дел од тие што коментираат, а не се меѓународно правни експерти. Јас би го оставил тој коментар на меѓународно правните експерти, дали е тоа или не е, но во живот кога еднаш ќе направите исклучок, тој потоа станува пракса, и таа пракса е прашање на на време, не дали, туку кога ќе се удри од вашиот грб“, рече Мицкоски.

На прашањето дали со ова се поддржува ваков чин, една држава да влезе, да земе претседател, каков и да е на друга држава, и да го однесе во својата држава да му суди, што е преседан кој може да се случи било каде, па и во Македонија, Мицкоски одговори дека преседанот бил направен уште кога се менуваше знамето на нашата држава за да биде земја членка на Обединетите нации, кога се менуваше Уставот, кога се менуваше уставното име, и „кога се лажеа луѓето дека за рок од три-четири години ќе станеме земја членка на ЕУ“, кога ќе станеме членка на НАТО и тн.

„Тоа се вистински преседани, а дали ова што вие го кажувате е преседан или не е, ние како Влада апсолутно стоиме до аргументите и потезите на нашиот стратешки партнер САД“, одговори Мицкоски.