Апсењето на поранешниот правобранител Фехми Стафа најматен настан месецов, според „Транспаренси“

Декември помина во знак на сериозни корупциски сомнежи, институционални пропусти и системски слабости, покажува „Бистро-Матно“ барометарот на Транспаренси Интернешнл–Македонија.

Декември помина во знак на сериозни корупциски сомнежи, институционални пропусти и системски слабости, покажува „Бистро-Матно“ барометарот на Транспаренси Интернешнл–Македонија.

Најматен настан месецов е апсењето на поранешниот државен правобранител Фехми Стафа, кој зел вкупно 50.000 евра поткуп со ветување дека ќе го ослободи од притвор осомничениот за финансиски криминал Љупчо Пецов Ѓаволот кој е во бегство, а обвинет е во предметот „Синџир“, за што пишуваше „Слободен печат”.

Дополнително, реакции предизвикаа новите предлог-измени на Кривичниот законик.

– Измените ги намалуваат максималните казни во споредба со стариот Кривичен законик од пред 2023 година, што ги скратува роковите за застарување и го стеснува просторот за ефективно гонење сложени корупциски предмети, особено оние што се откриваат по подолг временски период, а не го штитат ниту буџетот од злоупотреби – велат од Платформата на граѓански организации и од Блупринт групата.

Предлог-измените на Кривичниот законик, се еднакво лоши, ако не и полоши од претходните, создаваат правна несигурност и ризик од институционална конфузија во преоден период и од амнестија во иднина, реагира правната фела, откако по многу месеци чекање и мислење, деветмина пратеници од владејачката партија, која остро ги критикуваше скандалозните измени од 2023 година, до Собранието достави свои предлози.

Сомнежи за нетранспарентност и конфликт на интереси беа нотирани и во процесот на избор на кандидат за судија во Европскиот суд за човекови права во Стразбур, при што невладините организации укажаа на различни аршини и слаба методологија.

Државниот завод за ревизија откри сериозни неправилности во Фондот за иновации и технолошки развој, вклучувајќи судири на интереси и неподмирени обврски од речиси 13,9 милиони евра. Истовремено, ревизорските извештаи открија алармантни нерегуларности и во Државна лотарија, со стотици илјади евра дневен кеш-промет без соодветна евиденција.

Сериозни пропусти се утврдени и во Министерството за економија и труд, каде поради застареност се изгубени над 2 милиони евра буџетски приходи, како и во функционирањето на институцијата Народен правобранител, која се соочува со институционален колапс поради неизбор на нов носител на функцијата.

Меѓу „матните“ настани се и злоупотребите со боледувања во јавниот сектор (со исплатени над 90 милиони евра), неподносењето имотни листови од десетици градоначалници, како и високата концентрација на јавни набавки во здравството кај мал број фирми, што укажува на ограничена конкуренција и зголемен корупциски ризик.

Како позитивни примери се издвојуваат дигиталната трансформација на Управниот суд, кој воспостави електронска поврзаност со институциите, како и поднесените обвиненија од ОЈО Скопје против поранешни раководни лица во „Комунална хигиена“ за загрозување на животната средина.

Дополнително, полицијата ефикасно постапи во случаи на давање поткуп на граничниот премин Ќафасан, при што беа приведени странски државјани кои се обиделе да подмитат полициски службеници.