Апелација потврди, правосилни се казните за убиството на Тот: Убијците ќе лежат од 16 до 18 години

Апелација ги потврди казните на сите осудени за убиството на Денис Тот. Првообвинетиот Анџело Ѓорѓиевски ќе треба да издржи 18 години. Второобвинетата Клементина Лефковска исто така треба да издржи 18 години затвор. И на третообвинетиот Андреј Костовски му е потврдена казната затвор од 16 години. Преиначување има само во делот на износот на нематеријалната штета, кој треба да се исплати кон семејството на убиениот Тот.

„Апелациониот суд Скопје донесе пресуда со која жалбата на обвинетиот А. Ѓ. е одбиена како неоснована, а жалбите на обвинетите А. К. и К. Л. се делумно уважени на начин што пресудата на Основниот кривичен суд се преиначува и во однос на досудениот износ на име нематеријална штета и обвинетите се задолжени, солидарно, на мајката на починатиот Денис Тот, Т. Т., да ѝ исплатат 4.000.000 денари. Идентичен износ ќе треба да му се исплати и на И. Т., татко на починатиот, а на Б. Т., брат на покојниот, досудена е исплата на име нематеријална штета во висина од 3.000.000 денари. Во согласност со пресудата, при исплатата ќе биде пресметана и законска казнена камата од денот на донесување на првостепената пресуда“, велат од скопска Апелација.

Пресудата за Денис Тот од Кривичниот суд беше изречена во ноември 2022 година. Судијката Елена Илиевска-Јосифовиќ изрече високи затворски казни за тројцата, тогаш осомничени, сега правосилно осудени за убиството на Денис Тот.

Обвинетите негираа вина за делото убиство. Тие бараа да им се суди за тепачка. Тврдеа дека немале намера да го убијат Тот, ниту умисла, што е еден од условите за да се исполни битието на делото. Судскиот процес траеше два и пол месеца. Обвинителката Тања Трајчевска беше убедена дека докажала вина за убиството кај обвинетите. На судењата беа сослушани многубројни сведоци на настанот, како и вештаци. Клучни беа и снимките од видеонадзорот како од клубот пред кој Тот беше убиен така и снимките од градските камери.

Доколку ракометарот Денис Тот немал повреда на ‘рбетниот мозок, ќе преживеел. Ова го покажа вештачењето на Александар Станков, директор и доктор во Судска медицина при обдукција на телото. Докторот Станков вели: „Доколку таа повреда би ја немало, тој би можел да преживее“. Ударот во главата во тврда површина бил клучниот момент. Тој се случил кога Тот бил со бокс удрен од страна на обвинетиот Анџело Ѓорѓиевски. Сите обвинети се извинија за делото што го сториле.

Денис Тот беше убиен во април годинава пред скопска дискотека. Во јавноста се рашири видео од тепачката пред дискотеката, на кое се гледа како обвинетите го удираат Тот, тој паѓа на асфалтот и останува без значи на живот.

Од април минатата година за неговото убиство во притвор се 28-годишниот Анџело Ѓорѓиевски, 19-годишната Клементина Лефковска и 22-годишниот Андреј Костовски. Обвинителниот акт беше поднесен на крајот од јули 2022 година.

„Обвинетите, на 7 април, пред ноќен клуб во Градскиот парк во Скопје, заеднички го лишиле од живот оштетениот Денис Тот. По кратка расправија, сите тројца му нанеле повеќе удари и тешки телесни повреди, од кои кај оштетениот најпрвин настанала коматозна состојба, а следниот ден починал“, стои во обвинението.

Изрекувањето на пресудата траеше речиси еден час.