Апелација од 3 на 4 години му ја зголеми казната на возачот кој ја прегази Викторија на Партизанска

Скопска Апелација му ја зголеми казната од три на четири години затвор на возачот Јордан Ѓоргиев кој смртоносно ја прегази Викторија Николова на пешачкиот премин на раскрсницата кај „Сити мол“, на Партизанска во Скопје.

Од судот велат дека казната е зголемена за една година, од првичната изречена која беше три години затвор. Причините за зголемување на казната за една година, детално ќе бидат образложени во пресудата, која треба да биде јавно објавена.

„Одредени се четири години затворска казна“ – велат од Апелација.

Кривичен суд одреди тригодишна затворска казна за возачот Јродан Ѓоргиев.

Судијката Љубинка Башевска ја изрече казната по само едно рочиште, на кое обвинетиот ја призна вината. Возачот останува во затворот во Шутка.

Според судијката, Ѓоргиев не се придржувал на прописите за сообраќајот, не обрнал внимание на пешаците, а возел и со недозволена брзина.

Сообраќајката во која загина 24-годишната Викторија Николова, а нејзиното момче Леонид Даов беше повреден се случи на 20 јануари на раскрсницата кај „Сити мол“.