Ние, партијата Левица интерпелацијата против претседателот на Собранието ја темелевме на 7 точки, а вие во меѓувреме направивте уште 3 до 4 скандала, со свадбата во Косово, со „шота“ на Илинден, но оставам за тоа да зборува премиерот Христијан Мицкоски, кој оваа иницијатива ја нарече глупава и ќе го ставиме ова во учебник за студентите да учат како не треба да се прави, рече денеска пратеникот од Левица Димитар Апасиев на почетокот на неговото образложение за иницијативата за отповикување на спикерот, за која се расправа денеска во парламентот.
Претседателот на Собранието Африм Гаши, во својата одбрана истакна дека тој не прекршил никаков закон, а иницијативата на Левица ја оцени како политички, а не правно мотивирана, со цел да се направи поделба помеѓу граѓаните.
Апасиев на почетокот истакна дека редот налага заменик-претседател да ја води седницата за интерпелација, по што Гаши го напушти спикерското столче, на кое седна заменик-претседателот Антонио Милошоски.
Првата точка за интерпелацијата според Левица е тоа што Гаши изведе верски обред, молитва, во собраниска просторија, на одбележувањето на годишнината од геноцидот во Сребреница, што го организираше невладина организација.
– За прв пат, без преседан, Собранието го направивте центар за антисекуларни активности. Да се договорите со Мицкоски да направите овде и соби за крштевки и за сунети, вистинско мулти-култи општество, тотално десничарски, во ваш стил. Според Уставот, религиозните групи се одвоени од државата, а тоа вие го прекршивте, прекршивте важна доктрина на лаичка држава, која вели дека религиозните чувства се токму тоа, чувства, длабоко лични работи. Уставниот суд се има произнесено за ова наело на одвоеност на црквата од државата и за неприморување на никого да практикува одредена религија. Секој има слобода, без никакво влијание од никој или од државата да прифати или да не прифати вера, да ја исповеда или не, да практикува или не верски обвреди. Државата мора да ја задржи својата неутралност во верските прашања и не смее да се меша или да поттикнува спроведување на верски активности, а вие токму тоа го направивте. Трет аргумент за повреда на секуларизмот е пресуда на ЕСЧП во Стразбур, Рафат против Турција од 2003 година, во која се вели дека религиозниот фундаментализам е антипод на демократијата и е опасност за јавниот поредок – рече Апасиев од говорницата.
Вие направивте дискриминација, продолжи тој, со тоа што ги принудивте и другите присутни да учествуваат другите во верскиот ритуал. Според ЕЧСП, рече Апасиев, државата мора да биде гарант за практикување на различни религии.
– Заштитата на лаицитетот е суштински принцип, тој го затвара исламот и другите вери исклучиво во приватната практика. Никој нема против христијани, муслимани итн да си практикуваат обреди, но во јавните институции тоа е недопустливо – рече Апасиев.
Тој рече дека Гаши со молитвата го прекршил и Законот за правната положба на црквата и верските заедници, според кој религиозен култ и обред се врши исклучиво во верски објекти, а Собранието не е такво место.
Според Апасиев, прекршување на законот е и тоа што Гаши дозволил на сеќавањето на Сребреница припадничките на невладините организации да носат религиска облека, хиџаб, при што ја потенцира активистката Мерсиха Смаиловиќ, за која рече дека е контроверзна личност, која заедно со нејзиниот сопруг му се заканувале на неговото семејство.
– Таа е единствена социјалдемократка во светот која држеше прес-конференции со хиџаб. Основата на сите левичарски движења е жената да биде одбулена – рече Апасиев.
Апасиев ги образложи и другите точки за интерпелацијата, за безбедносниот инцидент на скопскиот аеродром со обезбедувањето на Гаши кое се судри со аеродромската полиција.
Рече и дека Гаши го прекршил Деловникот на Собранието кој не познава давање заклетва на друг јазик освен македонскиот. дека не го транскрибира своето име на македонски јазик и на кирилица и дека го пишува само во оригинал на албански јазик и писмо.
– Правилната употреба на македонскиот јазик е императивна законска одредба во сите институции. Вие се однесувате како да сме некаква федерација, ни доставувате двојазични материјали на сите, не смеете да ни доставувате материјали на друг јазик освен на македонски – рече Апасиев.
Тој додаде и дека Гаши го крши законот за знамиња со тоа што во пленарната сала освен македонското се истакнати и знамињата на НАТО и на ЕУ, со коментар дека не постои земја-членка на НАТО каде во пленарна сала има знаме на НАТО.
Апасиев образложи и дека Гаши згрешил што дозволил Талат Џафери во еден период да биде и премиер и пратеник, како и тоа дека направил своја паралелна делегација за посетата на Вашингтон на самитот на НАТО, во која бесправно ја повел и својата сопруга, за што потрошил 16.000 евра државни пари.
Претседателот Гаши даде свои објаснувања за обвинувањата на Левица, по што ја напушти собраниската сала, со образложение дека со своето присуство не сака да влијае на одлуката на пратениците.
– Почитувајќи го новиот Деловник, точката за интерпелација е прва на дневен ред. Во минатото сите интерпелации завршуваа во лавиринти, а некои никогаш не го видоа сонцето. Решив да се обратам директно, не одговорив писмено. Парламентот е место каде треба да има отчет, а граѓаните го даваат последниот суд. Сакам отворен пристап и не се кријам од никого. Сакам јавно да прашам, зошто е оваа интерпеација, кому служи и за каква цел. Одговорите на овие прашања ги даваат мотвите, идеологијата и нивната визија за нашата заедничка иднина. Левица со својот социјалистички аспект треба да ја храни еднаквоста на сите, но за жал, таа профилира екстремно десно со своите ставови. Таквите движења во минатото донесоа мрачни слики во целиот свет. Да се биде гласен и видлив е сосема легитимно, но да креирате поделби во едно место каде сите се бориме за еднаквост е лошо за државата – одговори спикерот Гаши.
Тој обвини дека само Левица е против трите стратешки столбови на државата – евроинтеграциите, меѓуетничките слободи и добрососедството.
– Некој сака поделби по секоја цена, а тоа може да биде фатално. Не е потребно длабоко разбирање на политиката за да се види дека тие работат на поделба на нашата држава. Полни со исламофобија, таква е и пораката кон премиерот „не ставајте спикер Албанец“. Кој има право да каже дали еден припадник на помала заедница не смее да биде спикер, од каде доаѓа оваа омраза кон Албанците за да се помогне на својот противник само Албанец да не биде претседател на Собрание. Разликите се богатство, а додека овде дискутираме која заедница е подобра, што е ступидна расправа, нашите деца си одат од тука. Иако изгледа дека е со правни аргументи, се гледа дека интерпелацијата е чисто политичка. Сакаат да профитираат ситни политички поени, но аргументите не држат – одговори Гаши.