Апасиев го тужи Талат Џафери за политичка дискриминација

Претседателот на Левица, Димитар Апасиев, поднесе тужба против претседателот на Собранието, Талат Џафери, поради, како што вели, извршена политичка дискриминација.

„Ја известуваме јавноста дека претседателот на Левица и пратеник во Собранието на Република Македонија – проф. д-р Димитар Апасиев, до Основниот граѓански суд – Скопје, преку неговиот адвокатски тим од Правниот сектор на Партијата, поднесе приватна тужба против собранискиот спикер Талат Џафери, заради извршена политичка дискриминација во врска со неспроведувањето на Иницијативата за референдум за т.н. Француски предлог за наводни преговори со ЕУ.

Тужбата, со која меѓудругото се бара и надомест на претрпена нематеријална штета во износ од 100.000 денари, следува откако Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) утврди директна дискриминација во случајот на Апасиев, кому како овластен предлагач на граѓанска иницијатива за распишување референдум на државно ниво, му беше ускратено уставното право на политичко дејствување и злонамерно беше ставен во понеповолна положба во однос на други предлагачи“, стои во соопштението на Левица.