
Анушиќ: Хрватска нема да брза во „коалицијата на подготвените“, ниту има намера да испрати свои војници
Хрватска нема да брза во „коалицијата на подготвените“, изјави денеска министерот за одбрана Иван Анушиќ по враќањето од официјалната посета на Франција.
Хрватска нема да брза во „коалицијата на подготвените“, изјави денеска министерот за одбрана Иван Анушиќ по враќањето од официјалната посета на Франција.
„Не се говори за испраќање војници кои таму борбено би дејствувале, станува збор за мировни сили кои би биле во служба на зачувување на мирот. Хрватска не е таа што ќе брза во таа насока, ниту пак Хрватска има намера да испрати свои војници“, рече Анушиќ, додавајќи дека нема да шпекулира повеќе за тоа.
Тој рече дека за тоа ќе одлучуваат премиерот и претседателот на државата, но и хрватскиот Сабор.
„Во овој момент ништо не е на маса“, рече Анушиќ, објаснувајќи дека „коалицијата на подготвените“ ќе се движи во насока што е прифатлива за државите кои во неа учествуваат и нивните интереси“, пренесоа хрватските медиуми.
„Коалицијата на подготвените“ се група земји кои се подоготвени доброволно да учествуваат во меѓународните мировни и безбедносни мисии. Оваа идеја првпат ја предложи францускиот претседател Емануел Макрон во рамки на расправата за меѓународните безбедносни гаранции за Украина по евентуалното примирје со Русија.
Целта на „коалицијата на подготвените“ е да се формира мултинационална мировна сила, која ќе помогне да се надгледува примирјето, да се спречат натамошни судири и да се гарантира безбедноста на Украина по постигнувањето примирје. Оваа инцијатива вклучува неколку европски земји предводени од Франција и Велика Британија, а деталите дополнително ќе се разработуваат.