
„Античка грчка историја: Александар Велики и неговата ера“ – нова катедра на Универзитетот „Аристотел“ во Солун
Меморандум за соработка за отворање нова катедра „Античка грчка историја: Александар Велики и неговата ера“ – на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Аристотел“ во Солун, бил потпишан денеска во присуство на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, јави дописничката на МИА од Атина.
Меморандум за соработка за отворање нова катедра „Античка грчка историја: Александар Велики и неговата ера“ – на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Аристотел“ во Солун, бил потпишан денеска во присуство на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, јави дописничката на МИА од Атина.
Како што информираа од кабинетот на грчкиот премиер, целта на основањето на катедрата е „систематско и документирано истражување на историјата на Александар Велики, поддршка на интердисциплинарните студии и зајакнување на меѓународното присуство на Универзитетот „Аристотел“ преку соработка со истражувачки центри и универзитети од странство“.
– Новата катедра ќе нуди истражувачка дејност и настава на додипломско и постдипломско ниво, како и активности како што се организирање конференции, семинари и предавања, создавање дигитална платформа со истражувачки и едукативни материјали, како и организирање летни школи и едукативни екскурзии, информираа од кабинетот на Мицотакис.
Катедрата во следните три години ќе биде финансирана од Здружението на индустрии на Грција, Здружението на извозници на Грција, Трговската и индустриска комора на Солун, Трговската комора на Солун, Занаетчиската комора на Солун, како и со симболичен износ од Секторот за Македонија и Тракија при Министерството за внатрешни работи на Грција.
За време на потпишувањето на меморандумот, грчкиот премиер изрази задоволство за „основањето на оваа многу важна катедра за систематско проучување на периодот што започнува со Александар Велики“.
Посочи дека е многу важно што водечките грчки универзитети веќе ја следат праксата за отворање конкретни тематски катедри, нешто што како што рече е „правило на универзитетите во странство“, но и го истакна фактот што новата катедра „во суштина е финансирана од приватниот сектор, од институции од градот, што исто така е честа практика во странство“.