Антикорупциска со сомнева во начинот на кој беше избран обвинителот Абази

И покрај законските измени кои за првпат овозможија избор на шеф на Oбвинителството за организиран криминал и корупција преку гласање на сите обвинители, Министерството за правда и Антикорупциската комисија имаат забелешки на начинот на кој беше избран наследникот на Вилма Русковска.

Претседателката на Антикорупциска се сомнева дека имало политичко влијание при изборот на Ислам Абази. Таа вели дека во отсуство на дополнителни информации за програмата за кандидатот, се појавиле само фотографии на Абази со високи функционери од партијата на Али Ахмети.

Од Министерството за правда пак, оценија дека овој модел за избор на шеф на ова обвинителство покажал недостатоци и треба да се утврдат дополнителни критериуми.

Веднаш по изборот на Ислам Абази на чело на најмоќното обвинителство во земјава, беа објавени негови фотографии со луѓе поврзани со ДУИ, што предизвика сомнеж за можни влијанија при неговиот избор. Дали овие сомнежи се точни или не, од Министерството за правда велат дека времето ќе покаже.

„Ги видов фотографиите кои навестуваат дека избраниот обвинител има некаква поврзаност или комуникација со претставници на релевантна политичка партија. Тие никогаш не можат да се неутрализираат до крај. Најважно е дека практично времето ќе биде главниот фактор кој ќе покаже дали се вистинити овие хипотези и претпоставки по неговиот избор, дали имаат основа. Практично, комуникација не може да не постои, но поважно е да не се злоупотребува“, велат од Министерството за правда.

Иако рече дека се соселани, Ислам Абази демантираше дека имал личен контакт со претседателот на ДУИ, Али Ахмети и тврди дека немало политички влијанија при неговиот избор.