Антикорупциска му одговори на Груби: Немаме капацитет да се возиме во службени возила

Вербална војна меѓу првиот вицепремиер Артан Груби и Антикорупционерите, откако Груби оцени дека „не ги бива“, тие му го возвратија ударот – Немаме капацитет да се возиме во службени возила, но имаме да се избориме со вашите оркестрирани напади

– Во право сте г. Груби, Антикорупциска нема капацитет да се вози во службени возила 24/7 и за приватни цели, да злоупотребува државни простории, да користи репрезентација и службени платежни картички, ниту да се расфрла со буџетски пари, но бидете уверени дека има капацитет да ги исполни своите законски обврски и надлежности. – велат од Антикорупциска.

Антикорупционерите го потсетија вицепремиерот дека имаат отворен предмет против него во време кога тој упатува критики кон ова тело.

– Квалификациите за капацитетите на Комисијата од страна на висок функционер од Владата на РСМ за кој има отворено предмет, не е ништо друго туку вршење притисок врз работата на Комисијата, и оркестриран обид за дефокусирање на јавноста. – целат од Антикорупциска.

Антикорупциска инаку има токму отворен предмет за користењето на Груби на службени возила за партиски цели, а јавно соопшти и критика дека во канцеларијата на Груби во Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците се одржуваат и партиски состаноци и приеми.

Реакцијата на антикорупционерите пак доаѓа откако Груби го впери прстот кон нив за голем број нерасчистени предмети, изгубени во административни постапки или пак отфрлени од страна на судиите.