Анкети: Имамоглу со поголема поддршка од Ердоган

Рејтингот на уапсениот градоначалник на Истанбул, Екрем Имамоглу е повисок за повеќе од седум проценти од поддршката за турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, покажуваат резултатите на две анкети.

Рејтингот на уапсениот градоначалник на Истанбул, Екрем Имамоглу е повисок за повеќе од седум проценти од поддршката за турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, покажуваат резултатите на две анкети.

Според анкетата на агенцијата Метропол, на прашањето – Ако изборите би се одржале денеска и ако Имамоглу и Ердоган одат во втор круг од претседателските избори 46,7 отсто од испитаниците изјавиле дека ќе гласаат за Имамоглу, а за Ердоган – 39,3 проценти.

Додека според испитувањето на агенцијата Конда, поддршката за Имамоглу во април изнесува над 40 отсто во споредба со претходниот месец и е убедливо над рејтингот на Ердоган.

Анкетите покажуваат дека од апсењето на Имамоглу на 19 март, се зголемила поларизираноста помеѓу владејачката Партија на развојот и правдата (АКП) на Ердоган и опозициската Републиканската народна партија (ЦХП).

Апсењето на Имамоглу предизвика масовни протести ширум Турција, најголеми во изминатите 10 години. Имамоглу беше приведен откако Универзитетот во Истанбул објави дека ја поништува неговата диплома поради наводни неправилности. Поништувањето на дипломата се случи неколку дена пред ЦХП да го избере Имамоглу за свој кандидат на следните претседателски избори. Според турските закони, без валидна факултетска диплома, Имамоглу не може да се кандидира за претседател. Тој се смета за еден од најголемите политички ривали на актуелниот турски претседател Реџеп Тајип Ердоган. Следните претседателски избори се планирани за 2028 година.

Ердоган, кој последен пат победи на изборите во 2023 година, нема законска можност повторно да се кандидира за претседател, освен во случај на предвремени избори и да добие поддршка од три петтини од Парламентот.