
Анкета: 73 проценти од Австријците ја поддржуваат задолжителната воена служба
Министерката за одбрана Клаудија Танер изјави дека нешто повеќе од половината испитани (51 процент) се изјасниле и за продолжување на времетраењето на воениот рок.
Според истражување на австриското Министерство за одбрана, 73 проценти од граѓаните ја поддржуваат задолжителната воена служба, што е значителен пораст во споредба со резултатите од референдумот во 2013 година, кога за таа мерка гласаа 60 проценти.
Оттогаш, воената обврска се однесува на сите физички способни мажи кои наполниле 18 години, со времетраење од шест месеци. Доколку некој се повика на приговор на совеста, може да служи алтернативна граѓанска служба која трае девет месеци.
Министерката за одбрана Клаудија Танер изјави дека нешто повеќе од половината испитани (51 процент) се изјасниле и за продолжување на времетраењето на воениот рок.
Само 10 проценти од анкетираните се „целосно против“ задолжителната воена служба, а 14 проценти „главно против“, изјави Волфганг Принц, раководител на Одделот за стратешки и општествени истражувања во Министерството за одбрана.
Според него, поддршката за задолжителниот воен рок континуирано расте последните години. Податоците на институтот „Галуп“ покажуваат дека во 2023 година таа изнесувала 65 проценти, а годинава достигнала 70 проценти.
– Сегашните 73 проценти се јасна потврда на патот по кој оди Австрија од 2013 година наваму, изјави Танер, оценувајќи дека народот тогаш „донел многу мудра одлука“.
До крајот на годината, специјална комисија назначена од Танер треба да предложи насоки за идниот развој на воената и алтернативната (граѓанска) служба, како и за можноста за продолжување на рокот на воената обврска.
Истражувањето, сепак, покажува дека подготвеноста за воена служба е помала: само една третина од испитаниците би ја бранеле Австрија со оружје во случај на напад, а меѓу мажите способни за воена служба таа бројка изнесува 43 проценти.
Танер оцени дека не е „загрижувачки“ што повеќе од половината Австријци не би носеле оружје, бидејќи, според неа, „вистинската сила на Австрија е во солидарноста и заедништвото“.