Поскапувањето на цените, ниските приходи и големите трошоци, како и економијата, се трите најголеми проблеми за Грците, согласно резултатите од истражувањето на јавното мислење на агенцијата „Pulse“ за грчката телевизија „Скај“.
Кај анкетираните, поделено е мислењето за мерките што грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис ги соопшти на Меѓународниот саем во Солун пред десет дена, односно 45 отсто ги оценуваат како позитивни, а 43 проценти рекле дека се во погрешна насока.
На прашањето која тема најмногу ги загрижува, поскапувањата на цените е на првото место со 34,5 проценти, приходите и трошоците со 18 отсто се на втората позиција, а трета е состојбата на економијата со 15 проценти.
Во однос на рејтингот на партиите, Нова демократија е стабилна на првата позиција со 24 отсто, ПАСОК е втора со 13 проценти, а СИРИЗА добива десет отсто.
За изборите во САД повеќе од половина анкетирани (54 отсто) изразуваат интерес и сметаат дека се важни.
Истражувањето на јавното мислење на агенцијата „Pulse“ за грчката телевизија „Скај“ било спроведено во периодот од 13 до 16 септември со анкетирано 1.301 лице со право на глас.