Анкета: Поскапувањата на цените и инфлацијата најголем проблем за повеќе од половина Грци

Поскапувањата на цените и инфлацијата и економијата и растот со 56,6 и 30 отсто се главните проблеми за Грците, кои не се особено задоволни од мерките што грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис ги соопшти од Солун, покажуваат резултатите од истражувањето на јавното мислење на агенцијата „Opinion Poll“ за грчката телевизија „Action 24“.

Поскапувањата на цените и инфлацијата и економијата и растот со 56,6 и 30 отсто се главните проблеми за Грците, кои не се особено задоволни од мерките што грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис ги соопшти од Солун, покажуваат резултатите од истражувањето на јавното мислење на агенцијата „Opinion Poll“ за грчката телевизија „Action 24“, јави дописничката на МИА од Атина.

Истражувањето било спроведено по говорот на грчкиот премиер на Меѓународниот саем во Солун минатата сабота кога соопшти низа мерки за поддршка на граѓаните, а на прашањето „Колку сте задоволни од мерките?“, речиси седум од десет испитаници (69,1 отсто) одговориле „малку/ воопшто“, додека пак 60,2 проценти не веруваат дека Владата се обидува да ја подобри економската состојба на просечното домаќинство.

На политичката сцена, владејачката Нова демократија е стабилна на првата позиција со 24,9 отсто, 13,5 повеќе од ПАСОК, која е на втората позиција со рејтинг од 11,4 проценти.

Трета е левичарската Курс на слобода, а веднаш зад неа десничарско националистичката Грчко решение, по што следи Комунистичката партија.

Во однос на тоа кој е најсоодветен за премиер, тројца од десет анкетирани (31,8 проценти) одговориле „никој“, 27,9 отсто сметаа дека е актуелниот претседател на Владата Кирјакос Мицотакис, а само 7,2 проценти го одбрале лидерот на ПАСОК Никос Андрулакис.

За сценаријата дека поранешниот премиер Алексис Ципрас планира да формира нова партија, 63,5 отсто од анкетираните, оваа веројатност ја гледаат „негативно/веројатно негативно“ и исто толку одговориле дека „не би можеле никогаш да гласаат за оваа партија“.

Истражувањето на „Opinion Poll“ за „Action 24“, било спроведено од 8 до 10 септември со анкетирани 1.002 лица.