Анкета: Граѓаните ги оценија судските услуги со 3,1 од можните 5

Анкетата што во декември 2024 година ја изработи Коалицијата „Сите за правично судење“ е спроведена врз основа на 1100 испитаници и опфаќа различни аспекти како пристап до суд, квалитет на услуги, јавност и транспарентност, и борба против корупција. Одговорите се однесуваат на Основен кривичен суд Скопје, Основен граѓански суд Скопје, Апелационен суд Скопје и Врховен суд.

Анкетата за задоволство на корисниците на судските услуги покажува дека генералната оцена за перформансот на судовите е 3,1 од можните 5. Во споредба со другите органи, скопските судови се оценети за нијанса полоши. Најниска оцена, односно 2 граѓаните дале за брзина на постапување, а највисока, 4 за судската полиција.

Анкетата што во декември 2024 година ја изработи Коалицијата „Сите за правично судење“ е спроведена врз основа на 1.100 испитаници и опфаќа различни аспекти како пристап до суд, квалитет на услуги, јавност и транспарентност, и борба против корупција. Одговорите се однесуваат на Основен кривичен суд Скопје, Основен граѓански суд Скопје, Апелациски суд Скопје и Врховен суд.

Дарко Аврамовски од КСПС на денешната презентација во Основен кривичен суд Скопје ги образложи резултатите, истакнувајќи дека пристапноста до судовите е генерално добра, но има потреба од подобрување на јавниот превоз до судот и патоказите во судските згради.

„Генералната оценка е 3,1 за вкупниот перформанс на судовите. Граѓаните ги оценуваат судовите за нијанса полоши од другите органи. Во споредба со другите органи добиваат оценка 2,9. Работата на судовите од страна на граѓаните не е перцперирана како ништо полоша од работата на друг орган“, изјави тој.

Во однос на квалитетот на судските услуги, испитаниците дале средна оцена од 3,4 за судските службеници и 3,5 за судиите.

Во делот на борба против корупција, 40 проценти од граѓаните сметаат дека постои корупција во судовите, што се должи на искуствата на роднини и пријатели. Девет проценти од испитаниците изјавиле дека им било побарано мито за судска услуга.

Анкетата покажала дека граѓаните се задоволни од транспарентноста на Основниот граѓански суд, кој добил највисока оценка, следен од Основниот кривичен суд. Сепак, постои незадоволство од начинот на кој се пишуваат судските одлуки и брзината на добивање одговори.

Претседателот на Здружението на судии на РСМ, Иван Џолев, истакна дека судовите постапувале по 755 илјади предмети, што, според него, покажува дека граѓаните веруваат во судскиот систем.

„Овие бројки покажуваат дека имаме функционален судски систем“, рече Џолев.

Тој додаде дека ваквите анкети треба да бидат водилка во унапредувањето на економичноста и ефикасноста на постапките, транспарентноста и зголемување на довербата на граѓаните во правосудството.

За министерот за правда, Игор Филков, резултатите од анкетата се поразителни.

„Бројките се во рамките на очекуваното и се лоши. Да ги анализираме, да ги разгледаме и да видиме како понатаму, ова е поразително“, рече тој.