Анкета: ВМРО-ДПМНЕ со двојна предност пред СДСМ

Теренската анкета на агенцијата ИПСОС изработена за потребите на ВМРО-ДПМНЕ врз 1.014 испитаници во периодот од 1 до 18 јули покажала дека 58 отсто од испитаниците не го поддржуваат францускиот предлог за надминување на спорот помеѓу Македонија и Бугарија. За францускиот предлог се 26 отсто.

На прашањето доколку на следните избори би се кандидирале само партии, а не коалиции, за ВМРО-ДПМНЕ би гласале 19,7% од испитаниците, за СДСМ 9,5%, ДУИ 6,2%, Левица 5,9%, Алијанса за Албанците 2,8%. Не би гласале 12,2 отсто од испитаниците.

Граѓаните и натаму сметаат дека најголеми проблеми за државата се економијата (економската состојба/финансиите) 20%, лошиот стандард 16%, францускиот предлог/Бугарија 8%, невработеноста 7%, политика, политичка криза, партизираното општество 4%, корупцијата и криминалот 4%, здравството 3%…

Од вкупниот број испитаници, 36 отсто дале оценка 1 за досегашното работење на Димитар Ковачевски како премиер на земјата, додека „двојка“ му дале 15 отсто од испитаниците, покажала анкетата.