Анкетата на Детектор покажа голема етничка поделеност

Граѓаните не ги поддржуваат санкциите против Русија и се противат на воената помош за Украина, покажува анкетата што ја спроведе Институтот за политички истражувања Скопје.

Голем број македонски граѓани не ги поддржуваат санкциите кои Европа ги воведува против Русија и се противат на воената помош која земјава и ја испраќа на Украина, покажува најновото истражување на јавното мислење кое за потребите на Детектор, кој денеска ја стартуваше својата четврта сезона, го спроведе Институтот за политички истражувања Скопје.

Согласно анкетата, 52,5% од граѓаните се противат на санкциите наспроти 32,2% кои даваат поддршка.  Македонците и Албанците имаат дијаметрално спротивставени ставови. 58,5% Македонци се против санкциите, а пак 58,6% етнички Албанци даваат поддршка.

62,1% од анкетираните се против  Македонија да и помага на Украина со воена опрема  наспроти нешто помалку од една четвртина кои даваат поддршка.

Третина од граѓаните или 33,2% сметаат дека „некој друг“ е виновен за војната во Украина. 22,1% вината ја гледаат во Русија, 5,9% во Украина а 15,5% на двете страни. И тука пресекот по етничка структура дава спротивставени ставови на етничките Албанци и Македонците. За близу 57% Албанци виновник за војната е Русија додека само 10,9% од Македонците вината ја наоѓаат кај официјална Москва. Етничките Македонци во огромно мнозинство, 40,8% сметаат дека „некој друг“ е виновен за војната.

47% од Албанците ја поддржуваат Украина а само 4,5% Русија. Македонците, 27% поддршка даваат за Русија, 18% за Украина а најголемиот дел, 42,7% не поддржуваат ниту една страна.

Над половина од граѓаните не ги поддржуваат санкциите на европските земји кон Русија додека поддршка даваат помалку од една третина. И тука етничката анализа на резултатите покажува дека 58,5% Македонци се против санкциите наспроти 58,6% Албанци кои даваат поддршка. 45,6% од граѓаните сметаат дека Европа има најголема штета од санкциите кои ѝ ги воведува на Русија. 38,6% сметаат дека штета трпат и Европа и Русија, додека само 9,6% мислат дека најголема штета трпи Русија.

Скоро 18% од анкетираните сметаат дека Русија победува во досегашниот тек на војната. 14,1% се определиле за Украина.Мнозинството или 46,2% сметаат дека ниту една страна не е во предност во досегашниот тек на војната.

Голем дел од граѓаните, 28% сметаат дека Војната ќе продолжи уште неколку години, 24,1% очекуваат крај со крајот на 2023 година додека 9,6% се оптимисти и мислат дека крајот на војната ќе биде на крајот од оваа зима.

Истражувањето на јавното мислење за потребите на емисијата Детектор го направи Институтот за политички истражувања – Скопје (ИПИС) на репрезентативен примерок од 1.119 испитаници преку телефонска анкета реализирана во периодот од 23 до 26 декември.