Андоновски: Со бесплатен интернет и ваучери за електронски уреди го намалуваме дигиталниот јаз меѓу студентите

Андоновски најави дека со средства на МДТ ќе се постават зони со бесплатен интернет и на други локации во студентските домови и на факултетите каде има најголема фреквенција на наставници и студенти.

На Филозофскиот факултет – Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ денеска е пуштена бесплатна Wi-Fi зона, прва во рамки на проектот за бесплатен интернет на Министерството за дигитална трансформација 9МДТ). Со интернет покриени се  административниот простор, аулата на факултетот и сите амфитеатри, а во иднина ќе бидат опфатени и предавалните и кабинетите.

Ресорниот министер Стефан Андоновски и деканот на овој факултет Оливер Бакрески ги дефинираа проектите за соработка со потпишување Меморандум. Очекуваат бесплатниот интернет да им го олесни на студентите пристапот до информации.

Андоновски најави дека со средства на МДТ ќе се постават зони со бесплатен интернет и на други локации во студентските домови и на факултетите каде има најголема фреквенција на наставници и студенти.

– Се надевам дека на овој начин заедно со проектот за ваучерите за електронски уреди за студенти ќе го надминеме дигиталниот јаз помеѓу студентите, со цел еднакви можности за студурање. Се надевам дека бесплатниот интернет ќе им помогне да учат полесно и полесно да доаѓаат до информациите што им се потребни. Опремата е квалитетна и не очекувам проблеми во користењето.  Ќе се проширува и во останатите простории на факултетот, рече Андоновски.

Беслатниот интернет на Филозофскиот факултет, појасни, е почеток на поголема иницијатива и за таа цел реализирани се две набавки од 10 милиони денари.

– Направивме анализа, имавме идеја да почнеме со најголемите студентски домови во Скопје, но тие веќе се обезбедени со интернет со определени капацитети. Затоа сега ќе се фокусираме на средините кои немаат такви можности, како Охрид и Битола. Опремата се набавува согласно потребите. Обезбедувањето интернет е задача на студентските домови, факултетите и универзитетите, но ние сме тука да помогнеме,  изјави Андоновски.

Според деканот Бакревски, новата ви фи зона се базира на современа мрежна технологија и ќе придонесе за дополнителен квалитет во наставата.

–  Ова особено ни значи во периодот кога одбележуваме 105 години од Филозофскиот факултет во Скопје и е дополнителен поттик и за наставниците и студентите. Ова потврдува дека нашите институции го имаат потребниот сензибилитет и имаат јасен став  дека за сите прашања од заеднички интерес и кои се поврзани со академската заедница  мора да се излезе во пресрет, бидејќи тие на некаков начин ги детерминираат  вкупните состојби. Ова  е  своевиден патоказ дека само ваква општествена трансформација ќе обезбеди да се акумилира  дополнително научниот и образовниот капитал, изјави Бакревски.

Како што соопшти министерот Андоновски, преку МДТ досега се издадени приближно 40.000 ваучери за набавка на електронски уреди, а повеќе од половина од нив, 21.000, се веќе искористени. Очекува до крајот на јавниот повик, 20 декември, најголемиот дел од студентите да ги земат ваучерите и до 1 јануари да набават уреди