Стефан Андоновски, меѓународен секретар на ВМРО-ДПМНЕ вели дека уставните измени под овие услови нема да се случат, во гостување во емисија на радио „Лидер“.
Андоновски додаде дека нема да има Влада помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.
„Се додека не се сменат овие околности, тоа прашање не може да се дискутира. Прашањето може да се дискутира ако имаме промена по три параметри, едниот параметар е со пресудите од Судот за човекови права во Стразбур, доколку Бугарија не е подготвена да ги примени тие пресуди и да ги имплементира, дури и Судот и Советот на Европа е подготвен да тргна настрана некои од правата и привилегиите кои што Бугарија ги има во ова тело, во оваа институција, а не се малку. На пример се зборува за повлекување на правото на Бугарија да предлага судија во Судот за човекови права, значи тоа е едниот аспект. Вториот аспект се социјално економскиот пакет кој што е многу важен за граѓаните, да видат дека вистина ЕУ има намера да се посвети на Македонија, како прашање, дека вистински верува во решенијата, во присуството на македонските граѓани во ЕУ. И третиот исто така многу значаен аспект се гаранциите кои што треба да стигнат од европските институции за потврдување, ако ги имаат тие веќе ставови, а ние сме сигурни дека другите држави членки така размислуваат, дека македонскиот народ, јазик имаат многувековна историја, имаат идентитетски печат кој што не е создаден во 1945-тата, не е создаден во 1991 туку има свој нормален како и сите други народи развоен пат“, појасни тој.
Тој посочи дека овие три работи очигледно не беа прифатливи за Ковачевски, заради тоа беше ставот на претседателот Мицкоски дека лидерската е неуспешна средба.
„Јас можам да се согласам дека е добро што има комуникација, и што има средба. Затоа што некои од овие прашања треба да се разговараат“, рече Андоновски.
Андоновски укажа дека патот кој што го има избрано Ковачевски не е вистинскиот и граѓаните тоа го масовно го говорат. Во наредниот период работите ќе стануваат почисти и ќе се согледа кој сака подобро решение, а кој веќе потпишал решение и само гледа и бара начин како да го имплементира.
Тој во текот на емисијата рече дека нотарските изјави на пратениците се валидни и дека уставни измени под вакви околности нема да има.
„Нотарските изјави се валидни. Пратениците пред два дена потпишаа и една да речеме афирмација и декларација на ставовите и поддршка за ставовите кои што ги градиме како политичка партија. А, тоа е дека во вакви околности нема да има гласање за уставни измени. И можам да ги охрабрам и да потврдам уште еднаш дека се валидни. Под вакви околности како што ги имаме сега, а го потврдуваме веќе една година е дека нема да има уставни измени затоа што никој во Собранието не добил мандат да гласа за уставни измени во вакви околности“, порача Андоновски.