
Андоновски: Зајакнување на националните капацитети за сајбер-безбедност за сигурна, поврзана и европска дигитална држава
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, во своето обраќање на промоцијата, истакна дека проектот претставува силен пример за тоа како партнерството со Европската Унија носи конкретни резултати за државата, преку зајакнување на националните капацитети за сајбер-безбедност и унапредување на отпорноста на институциите. -Нашата цел е јасна сигурна, поврзана и европска дигитална држава - изјави Андоновски.
Опрема во вредност од 150 илјади евра, како и советодавна помош и обука на експерти за владиниот Тим за одговор на сајбер инциденти МКД – ЦИРТ обезбедена во рамки на проектот „ЕУ-поддршка за развој на капацитети за сајбер-безбедност во РС Македонија“, беше промовирана денеска во Министерството за дигитална трансформација.

Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, во своето обраќање на промоцијата, истакна дека проектот претставува силен пример за тоа како партнерството со Европската Унија носи конкретни резултати за државата, преку зајакнување на националните капацитети за сајбер-безбедност и унапредување на отпорноста на институциите.
-Нашата цел е јасна сигурна, поврзана и европска дигитална држава – изјави Андоновски.
Министерството за дигитална трансформација, со тоа успешно ја заокружи првата етапа од соработката со Академијата за е-управување (e-Governance Academy – EGA), во рамки на иницијативата „EU Support to Western Balkans Cybersecurity Capacity Building“, финансирана од Европската Унија.
-Како финална фаза од проектот беше донацијата во опрема со вредност од 149.921 евра со која се зајакнуваат оперативните капацитети на GOV-CSIRT и се унапредува заштитата на државните институции и критичната дигитална инфраструктура. Ова значи побрза детекција на закани, поефикасен одговор на инциденти и поголема отпорност на сајбер-напади. Оваа донација е комплементарна со инвестициите на Министерството од повеќе од 1,5 милиони евра во целосно опремување на Владиниот ЦИРТ – изјави министерот Андоновски.
Андоновски, исто така, упати благодарност до Европската Унија за континуираната поддршка, како и до институциите и експертите вклучени во имплементацијата на активностите, при што нагласи дека ваквиот модел на соработка е пример за ефикасен меѓународен проект насочен кон реални и мерливи резултати.

Евроамбасадорот Михалис Рокас, во своето обраќање, порача дека новите технологии дигитализираа голем дел од нашите секојдневни активности, што сигурно е во наша полза, но ако не сме добро заштитени дигиталното опкружување и технологиите стануваат подложни на сајбер напади и штетата може да биде огромна.
-Европската унија останува посветена на поддршката на Северна Македонија и Западен Балкан во усогласувањето со стандардите на ЕУ за сајбер безбедност – изјави Рокас.
Во рамки на пошироките активности за јакнење на сајбер-отпорноста, како значаен чекор напред во јакнењето на сајбер -отпорноста на земјата, беше посочен и тригодишниот проект „Cyber Balkans“, имплементиран од Академијата за е-управување и финансиран од Европската унија.
Проектот, како што информира Милан Секулоски, виш експерт во Академијата за е-управување, бил насочен кон унапредување на сајбер-отпорноста во согласност со европските најдобри практики, со фокус на усогласување на законодавството, градење институционални капацитети, оперативна подготвеност и регионална соработка.
-Сајбер-отпорноста не се гради преку ноќ. Таа бара цврсти правни основи, способни институции и континуирана регионална соработка – изјави Секулоски.

Секулоски, посочи дека во изминатите три години тесно соработувале со нашите партнери во Северна Македонија и низ Западен Балкан за да обезбедиме реформите да бидат одржливи, усогласени со стандардите на ЕУ и поддржани со реален оперативен капацитет.
Во рамки на проектот, како што нагласи Секуловски, над 200 македонски експерти успешно го поминале тренингот за сајбер безбедност.

Како дел од поддршката, како што информираат од Министерството за дигитална трансофрмација, проектот придонел за воспоставување на Владин Центар за безбедносни операции (GSOC) и Тим за одговор на компјутерски инциденти (CIRT), како и за спроведување на високо-ниво вежби на маса (TTX) за тестирање на моделите на управување и механизмите за координација при инциденти. Дополнително, беа подготвени одржлив план за развој на GOV CIRT и мапирање на опремата, со цел насочување на идните инвестиции и обезбедување долгорочен развој на капацитетите.