Град Скопје го тресат сериозни афери. Вчера медиумите објавија дека генералниот секретар на градот Зоран Глигоров, десната рака на градоначалничката Арсовска е пријавен за семејно насилство врз неговата сопруга во месец ноември, вели Стефан Андоновски, советник во Советот на Град Скопје.
„Според написите на медиумите Глигоров извршил семејно насилство врз сопругата на 17 ноември оваа година. Настанот бил пријавен во полиција, а полицијата која интервенирала во случајот се соочила со крајно вознемирувачка атмосфера. Ситуацијата била уште поопасна затоа што Глигоров како што се наведува во известувањата поседува и пиштол. Според информациите за кои известија медиумите, избегната е поголема трагедија поради брзата и навремена реакција на полициските службеници кои успеале да му стават лисици. Арсовска која се претставува како голем бранител на правата на жените, се покажува дека за соработници има луѓе кои се пријавуваат за семејно насилство, не еднаш, туку неколку пати“, вели Андоновски.
Според него, ова не е прв случај Глигоров да биде пријавуван за семејно насилство.
„Тој уште во 2007 е регистриран во МВР за нанесување тешка телесна повреда на неговата сопруга при семејно насилство, а повторно е пријавуван и во 2017 година, кога според написите на медиумите полицијата кај него нашла огнено оружје хеклер. Глигоров покрај пријавите за семејно насилство, беше дел од скандал за обид за физичка пресметка со вработен во Град Скопје. И во овој случај повикана беше да постапи полицијата. По сите овие афери се поставува логичното прашање: Дали Данела Арсовска го толерира својот најблизок соработник во овие активности, дали најблискиот соработник на Данела Арсовска е семеен насилник и дали Арсовска знаејќи за ова се уште го држи истиот да го раководи со Град Скопје? Дали вака се реализира борбата за учество и права на жените? Почитувани, како политичка партија бараме итно разрешување на Глигоров од позицијата секретар на Град Скопје. Во овие година и пол од мандатот на најблискиот соработник на Данела Арсовска, во Градот единствено слушаме за насилство, закани, мобинг, разместување на раководители на сектори, навреди, понижувачки однос лоши меѓучовечки односи. Ова не смее да се толерира“, завршува Андоновски.