Андоновска: Регистрирани 1.725 случаи на заболени од грип, да се избегнуваат собири

Регистрирани се 1.725 случаи на заболени од грип или заболувања слични на грип во периодот од 29 декември и 4 јануари, што е 2,2 пати повеќе во споредба со претходната недела кога бројот на пријавени лица бил 771. Бројот на пријавени лица оваа недела во споредба со истата недела минатата сезона, кога бројот бил 331, е зголемен 5,2 пати, а во споредба со истата недела во последните 15 сезони, зголемувањето е 38,7 проценти, покажуваат податоците на Институтот за јавно здравје.

Регистрирани се 1.725 случаи на заболени од грип или заболувања слични на грип во периодот од 29 декември и 4 јануари, што е 2,2 пати повеќе во споредба со претходната недела кога бројот на пријавени лица бил 771. Бројот на пријавени лица оваа недела во споредба со истата недела минатата сезона, кога бројот бил 331, е зголемен 5,2 пати, а во споредба со истата недела во последните 15 сезони, зголемувањето е 38,7 проценти, покажуваат податоците на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).

Директорката на Институтот, Марија Андоновска, денеска изјави дека во согласност со податоците во Македонија има висок интензитет на вирусот на грип со очекување на натамошно зголемување во наредниот период. Според неа, ова не е ништо ново со оглед на периодот со празници, прослави и собирања и е нешто што е очекувано.

– Пикот на грип се очекува во втората половина на месецот и првата половина на февруари. Со враќањето на децата во училиште очекуваме дека бројот на заболени од грип може да биде зголемен. Пријавената инциденца е над неделната граница на средна активност на вирусот на грип на национално ниво. Во однос на возрасната дистрибуција, 749 лица се на возраст меѓу 15 и 64 години, 618 се деца на возраст од пет до 14 години, 229 се деца на возраст до четири години и 129 се лица на возраст над 65 години. Највисока инциденца е регистрирана кај деца на возраст од пет до 14 години, рече д-р Андоновска.

Посочи дека пријавите за заболени ги добиле од 18 места и според добиените податоци, најмногу заболени се регистрирани во Скопје – 716, во Тетово – 339, во Куманово – 150, во Велес – 109, во Штип – 60, во Дебар – 54, во Гостивар – 49, во Прилеп – 45, во Охрид – 44, во Битола – 40, во Струмица – 38, а во другите градови, како Кавадарци, Неготино, Струга, Демир Хисар, Виница, Македонски Брод, Радовиш, бројот на заболени е помал од 30.

– Во Дебар се бележи многу висока активност на грипот, во Велес и Тетово се бележи висока активност, средна активност е регистрирана во Скопје, Куманово и во Штип, во десет единици се бележи сезонска регуларна активност, а во две единици, како Радовиш и Демир Хисар, се бележи многу ниска активност на вирусот на грип. Во досегашниот тек од почетокот на сезоната не се регистрирани починати лица што асоцираат на грип. Се забележува значително зголемување на бројот и на нинциденцата на заболувања слични на грип на неделно ниво. Во текот на првата недела од годинава првпат во сезоната е регистрирана средна активност на грипот на национално ниво, рече д-р Андоновска.

Во однос на општите мерки, таа појасни дека оние што не се заболени треба да избегнуваат собири, престој во простории, молови, во кои има голем број луѓе, да се избегнува контакт со заболени или луѓе со симптоми на кивање и кашлање, често да се мијат рацете со сапун и вода, да се проветруваат просториите, да се почитуваат здрави животни стилови, редовно пиење вода, да се јаде лесна храна, витамини и минерали.

– Кај оние кај кои е констатиран грип препораките е да се јават кај својот матичен доктор, да останат дома, да не се оди на работа, да не се носат децата во училиште, не само поради пренесување на вирусот, ова е важно и за болните, да не ги изложуваме ни децата ни возрасните. Доколку е докажано дека имаат грип, треба да бидат во домашни услови, да мируваат, да примаат симптоматска терапија препишана од матичен лекар. Многу е важно, доколку се појават симптоми, да се остане дома. Кај ризичните категории граѓани, над 65 години, кај децата, бремените жени, хронично болните – доколку има влошување на состојбата, да се јават кај својот матичен лекар, потенцира д-р Андоновска.

Одговарајќи на новинарско прашање, рече дека годинава циркулира вирусот на грип од типот А и дека како Институт за јавно здравје ќе продолжат да ја следат состојбата во однос на тоа дали има пораст на заболени од грип, а доколку оценат дека бројките се премногу високи, може да дадат препорака да се донесе некаква мерка.

Според податоците на ИЈЗ, во однос на сезоната 2025/2026, генерално значи дека од почетокот на сезоната до денеска бројот на случаи на грип и заболувања слични на грип изнесува 3.825. Во споредба со истиот овој период минатата сезона, кога бројот бил 1.335, бројот на пријавени случаи е зголемен 2,8 пати, а во однос на моделот од последните 15 сезони, вкупно се регистрира зголемување од 20,6 проценти.