Ангел Анѓушев на МЕФ 2022: За успешна енергетска транзиција неопходни се ефективни и исплатливи начини на складирање на енергијата од обновливите извори
Кога зборуваме за енергетската транзиција многу е важно да се има предвид дека тоа не значи само да се произведува енергија од обновливи извори туку и истата да се испорача до крајните потрошувачи на начин кој е економски исплатлив и ефикасен за крајните потрошувачи, истакна Ангел Анѓушев, технички директор на „Грин Машинс“ кој зеде учество на петтото издание на Македонскиот енергетски форум – МЕФ 2022 и имаше свое обраќање на панелот „Сајбер безбедност и технолошки иновации за енергетска отпорност“.
„Потешкотијата тука е снабдување со електрична енергија на предвидлив начин бидејќи производството од обновлива енергија во некои денови е повисоко од нормата, од предвиденото, а во некои денови не се исполнува таа квота и тоа влијае на цените на електрична енергија. Затоа, со цел да се балансира понудата и побарувачката од обновливи извори на енергија мора ефективно да најдеме начин да ја складираме енергијата кога не е потребна и повторно да се врати во мрежата кога е потребна. За тоа постојат многу начини. Еден од начините е да се произведуваат мега батерии како што ги произведува Тесла, на различни локации каде што се складира обновливата енергија и потоа цели градови и села може да се снабдуваат со таа енергија кога производството е под квотата и може со тие мега батерии да се снабдуваат овие градови и села. Тие функционираат на некои локации, но може да бидат прескапи за други локации“, истакна Анѓушев.
Во своето обраќање тој појасни дека сепак на батериите за складирање на енергија не може да се гледа како долгорочно решение бидејќи нивното производство е прескапо. Како алтернатива и долгорочно решение, Анѓушев го посочува водородот кој што токму во „Грин Машинс“ се користи како погонско гориво за едно од возилата од палетата на машини за одржување хигиена.