
Ангелов: Пожарот во Виница е под контрола, неколкумина пожарникари се здобиле со изгореници
Според информациите на директорот на Диреккцијата за заштита и спасување, пожарникарите се здобиле со изгореници на стапалата откако се заглавиле во смола од стопен шеќер во еден од погоните на фабриката што бил зафатен од пожарот.
По неколкучасовна интервенција многубројните противпожарни екипи успеале да го стават под целосна контрола големиот пожар што избувна во фабриката „Макпрогрес“ во Виница, информира доцна вечерва директорот на Дирекцијата за заштита и спасување(ДЗС), Стојанче Ангелов.
Според него, во фабриката се опожарени три линии означени како 6,7 и 8, од кои два магацини. Сите имале сончеви панели на кровот.
„Спасени се линиите од 1 до 5. Пожарот е под целосна контрола“, вели Ангелов.
Во гаснењето на пожарот, како што информира тој, учествувале пожарникари од Територијалните противпожарни единици на Виница, Македонска Каменица, Делчево, Кочани, Пробиштип, Штип, Струмица, Кавадарци и Велес.
При гаснењето на стихијата, неколкумина пожарникари се здобиле со изгореници на стапалата откако се заглавиле во смола од стопен шеќер во еден од погоните.
„При обидот да ги одглават стопалата чизмите им останале во стопениот шеќер и згаснале во стопената смеса“, вели директорот на ДЗС.
Претходно, Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираат дека пожарот во фабриката за кандирани производи и вафли, позната под брендот „Винчини“, бил пријавен во 18:40 часот преку единствениот број за итни случаи – 112.
Пожарот, како што информират оттаму, избувнал во магацините и во производствените погони 6, 7 и 8 на фабриката, по што на терен веднаш излегле екипите на ТППЕ Виница со неколку противпожарни возила и пожарникари.
На нив на помош веднаш им дојдоа колеги од кочанската противпожарна единица и од Доброволното протипожарно друштво (ДПД) Кочани, а беа издадени насоки до градоначалникот на Виница да побара дополнителна поддршка и помош од соседните општини.