Бројот на пожари во земјава е алармантен, пожарникарите се при крај на силите и со ова темпо на палење, се поставува прашањето што понатаму, рече денеска директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Стојанче Ангелов.
Вчера имало 40 пожари на отворен простор, од нив 25 се изгаснати, 6 се под контрола, а 9 денеска се активни.
Најтежок е пожарот на територијата на Општина Македонски Брод, кој вчера стигна до ловиштето „Јасен“.
„Скопските пожарникари имаат полни раце со работа, се убија од работа, секојдневно гасат голем број на пожари. Само во Студеничани вчера имаше 4, во Гази Баба 4, еден во Арачиново. Ресурсите се трошат, пожарникарите се при крајот на силите и се поставува прашањето што со ова темпо доколку граѓаните продолжат да палат намерно или ненамерно. Нашите сили се при крај, а и помошта од странство исто така е намалена“, апелираше Ангелов.
Тој додаде дека најголем дел од пожарите се подметнати и затоа апелира до граѓаните ако забележат сомнително лице во близина на шуми, да се јават на бројот 112.