Ангелов: Опасен пожар се шири кај селото Негорци, на околу 50 метри е од првите куќи

Попладнево избија два тешки пожари на отворено, првиот е на територија на Градот Скопје, а вториот е поопасен и се наоѓа во Општина Гевгелија.

Ова го соопшти директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов, посочувајќи дека за пожарот во селото Негорци итно е ангажиран еден армиски хеликоптер.

„Во Општина Петровец гори во атарот на селото Градманци, а пожарот се движи во насока на селото Катлановска Брезница. Гори деградирана шума и нискостеблести растенија“, рече Ангелов.

Вториот пожар во атарот на селото Негорци го оцени како поопасен, со оглед како што рече дека се приближи на 50 до 100 метри до првите куќи на селото.

„Поради тоа итно пренасочивме еден армиски хеликоптер да помогне во одбрана на селото. Таму се и локалните пожарникари од Гевгелија, кои веќе се исрпени од повеќедневните борби со пожарите во Богданци и Дојран. Затоа апелирам до жителите на селото Негорци да излезат и да помогнат огнот да бидат стопиран. Значи не зборуваме да учествуваат во активно гаснење на пожарот, туку да ја стопираат огнената линија“, вели тој.

Во текот на денешниот ден до 13 часот на територијата на државата имало вкупно 16 пожари на отворен простор. Од нив, како што информира Ангелов, седум се активни, шест се ставени под контрола, додека три се изгаснати.

Од активните пожари, и понатаму гори на потегот село Тажево – село Брезница и кракот кон Јасен на територијата на општина Македонски Брод, а надлежните сè уште се обидуваат да ги стават под контрола пожарите на Илинска Планина, селата Витово, Базерник, Мали Илино и Брежани во општините Демир Хисар и Охрид.

Активни и понатаму се огнените стихии кај селото Фурка кон Богданци, кај селото Слатина на територијата на Македонски Брод, пожарот на Галичица, како и кај селата Папрадиште и Ореше во општина Чашка, како и кај селото Градманци во општина Петровец.