
Ангелов: Кубуриме со возила и кадар, но оваа година сме поподготвени од било кога
Жижата со летните горештини се разгорува. Државата располага со четири функционални хеликоптери, како и три ер-трактори што не секогаш се функционални. Нема и пилоти. Дали од проектите во општините барем една иницирала купување на противпожарни возила? Во „Трилинг“ со Стојанче Ангелов директор на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).
Жижата со летните горештини се разгорува. Државата располага со четири функционални хеликоптери, како и три ер-трактори што не секогаш се функционални. Нема и пилоти. Дали од проектите во општините барем една иницирала купување на противпожарни возила? Во „Трилинг“ со Стојанче Ангелов директор на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).
-За разлика од претходните години можам да кажам дека оваа година сме далеку поподготвени, пред сѐ ер-тракторите кои имаат една од клучните, одлучувачки улоги при справувањето со големи пожари на отворен простор или со шумски пожари. Тие благовремено ќе бидат ставени во функција. Првиот ер-трактор веќе е во државата и е функционален, вториот ќе биде вратен следната недела, а веднаш потоа и третиот. За разлика од порано сега на нив се направија некои дополнителни сервиси, вели за „Трилинг“ Ангелов и додава дека поради староста, амортизацијата, користењето минатите години требаше да бидат извршени дополнителни сервиси за леталата да бидат безбедни.
Ангелов напоменува и дека следната недела ќе се потпишат договор со двајцата пензионирани пилоти на ер-трактори.
„Со тоа ќе имаме тројца пилоти на располагање, така што ќе имаме три летала со три пилоти, а веќе работам на наоѓање и на нови пилоти и можам да потврдам дека со двајца пилоти имам договорено од есен да се стартува со обука. Тоа е период кога најрано може да стартуваме со обуката. Во потрага сум по трет пилот кој ги исполнува условите, кој има барем 400, 500, по можност и повеќе часови лет со професионална дозвола на било каков тип на авион за истиот да може да го упатиме на обука за ер-трактор. Се надевам дека за наредната година ќе имаме шест пилоти, затоа што кога би имале шест пиоти тие би работеле со полна пареа.
-Бидејќи кубуриме со против пожарни возила, особено со теренски против пожарни возила кои се многу значајни при справување со пожари на отворен простор и со шумски пожари, затоа што вообичаено овие пожари се одвиваат на тешко пристапни терени, некаде би рекол и екстремно тешки, овој пат свесни дека како Влада не можеме да набавиме поголема количина на нови возила се одлучивме да прилагодиме некои од постоечките возила кои ги користеше Армијата и и полицијата, истите да бидат прилагодени, на нив, на соодветен начин да се стават резервоари и истите да ги прилагодиме за употреба за гасење на пожари на отворено, па и на шумски пожари, во зависност од пристапноста. Оваа информација ја кажувам ексклузивно за „Трилинг“. Веќе следната недела очекувам да имаме можност нешто повеќе да кажеме на оваа тема, но како и да е за разлика од минатата година оваа година ќе имаме значителен број на специјални возила кои ќе ни помогнат во справувањето со пожарите на отворен простор, додава Ангелов.
Локалната самоуправа, вели директорот на дирекцијата за заштита и спасување, во свои рамки ги има територијалните противпожарни единици. Некои од нив се добро пополнети, за жал некои се недоволно или со несоодветни кадри.
-Но имаме светли точки како на пр. противпожарната единица во Кавадарци, која е целосно пополнета со целосна соодветна опрема и обука и е во врвна форма. Но свесни за слабостите во рамките на ДЗС ќе се формира, условно да кажам нова единица во согласност со планот на Владата за вработување на 400 времени пожарникари кои би ни се нашле во текот на летото, кои претходно би поминале една мини селекција, па кратка обука . Понатаму истите ќе ги пуштиме да гасат пожари – најпрво поедноставни за да стекнат одредено искуство, а потоа дел од нив, оние кои би биле најдобри би станале дел од територијалните противпожарни единици, најдобрите би станале дел од единицата која имам намера да ја направам во рамките на ДЗС. Нам ни треба едно високо професионална, добро опремена и добро обучена единица која би дејствувала на целата територија на државата во справување со најтешките пожари. Веќе ова лето ќе ги видиме никулците на таа единица“, вели за „Трилинг“ Стојанче Ангелов директор на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).
Целиот разговор погледнете го во видеото.