
По најавата за протестот на УЧК во Скопје со реакција се огласи Стојанче Ангелов, кој порача дека сите припадници на УЧК кои извршиле воени злосторства треба да одговараат, вклучително и оние кои во 2001 година извршија воени злосторства во Македонија.
„Сите припадници на УЧК кои извршиле воени злосторства треба да одговараат во согласност со меѓународното право. Вклучително и оние припадници на УЧК кои во 2001-ва година извршија воени злосторства во Македонија. Апсурд е да се бара ослободување на било кои злосторници, осомничени, обвинети или осудени за воени злосторства опфатени со меѓународното право“, истакна Ангелов.
Вели дека ваквиот протест, повеќе од сигурно, нема да го поколеба судот во Хаг.
„Тогаш, се поставува прашање, која е скриената агенда на денешниот протест? Уште повеќе, зошто токму во Скопје? Дали “случајно”, дали затоа што не им дозволиле на друго место или сепак се работи за добро осмислено и подготвено сценарио за напад врз власта? Напад врз владејачкото ВМРО ДПМНЕ и коалицијата? Напад врз премиерот Христијан Мицкоски кој се покажа како прилично тврд орев за меѓународната заедница? Перфиден напад кој едноставно го принудува и албанскиот коалиционен партнер во власта, денес да излезе на протест? Бидејки, ако не излезе, добиваме посилно ДУИ. А ако излезе, се создава погодно тло за послаба власт, односно, погодно тло за враќање на ДУИ во власта?“ – прашува Ангелов.