Ангелов: Активни 10 пожари, 10 изгаснати и 5 ставени под контрола

На територијата на државава во моментов се активни 10 пожари, 10 се целосно изгаснати, а пет се ставени под контрола, информираше директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов.

Директорот на ЦУК нагласи дека состојбата е крајно сериозна и апелираше граѓаните да бидат исклучително внимателни.

-Состојбата е крајно сериозна, затоа уште еднаш апелирам до граѓаните да бидат исклучително внимателни, бидејќи предизвикувањето на нови пожари е опасно. Штетите се огромни, но притоа може да бидат загрозени и човечки животи како и населени места, посочи тој.

Според неговите информации, во текот на денешниот ден имало вкупно 25 пожари на отворен простор.

– И како што претпоставувавме, нивниот број драстично се зголеми во текот на денот, а верувам дека овој ден ќе го завршиме со уште повеќе пожари, изјави Ангелов.

Во врска со пожарите на Илинска Планина, тој рече дека сѐ уште чади од двата краци што се ставени под контрола.

-Во овој момент гледам чадење кое е само еден од краците кој што е ставен под контрола, за жал и на другата страна, во насока на Охрид гледаме чадење од другите краци, вториот крак кој што е ставен под контрола. Станува збор за два посебни пожари бидејќи се многу оддалечени еден од друг, појасни Ангелов, дополнувајќи дека сѐ уште чади во изгореното, каде што по сртот се забележува изгорена трева, но пожарот не е навлезен во шумата.