Ангеловска-Бежоска: Треба да се гради систем за заштита од кибер нападите
„Кибернападите се данокот за брзиот глобален технолошки развој. Од друга страна, напредната технологија нуди поразновидни и поевтини услуги во финансискиот сектор. Со цел да се искористат предностите коишто ги носи финтек-секторот, потребно е да му се обрне поголемо внимание на развивањето соодветен систем и механизми за успешен одговор на кибернападите“.
Ова меѓудругото беше заклучокот на работилница во НБ на тема „Кибербезбедност во финансиите“, на која својот став го искажа и гувернерката на НБ, Анита Ангеловска-Бежоска.
„Во текот на последните две декади, финансискиот систем значително се измени со појавата на интернетот и користењето на новите информациски технологии. Новите технологии и дигитализацијата доведоа до забрзување на економскиот раст и напредок. Но, брзото проширување на мрежите и технологиите, отворањето на ИТ-системите кон надворешни платформи за комуникација, сѐ повисокиот износ на електронски трансакции доведоа до појава на нов тип на опасност, наречен киберризик. Поновите анализи на глобално ниво посочуваат дека финансиските институции се поверојатна мета на напади за 300 пати во однос на другите институции“ – рече Ангеловска-Бежоска.
Гувернерката смета дека поради овие закани, не треба да се занемарат придобивките коишто ги носи финтек-секторот, туку дека треба да се гради систем од страна на банките и нивниот регулатор, којшто соодветно ќе им одговори на предизвиците.
„Следејќи ги меѓународните стандарди, постојано ги јакнеме регулаторните барања коишто треба да ги исполнуваат банките, а се однесуваат на јакнење на информациската безбедност. Ова уште повеќе ќе добие на тежина со усвојувањето на новиот Закон за платежни услуги којшто позначително би ги поттикнал дигиталните иновации во финансискиот сектор, а со тоа и потребата за заштита од киберризици“ вели гувернерката.