Ангеловска-Бежоска: Рецесија за годинава во моментот не се очекува

„Рецесија за годинава во моментот не се очекува. И покрај сите предизвици, сите релевантни меѓународни финансиски институции сепак предвидуваат економски раст, но забавен. Рецесија не се предвидува ниту со песимистичките сценарија на меѓународните институции, како ММФ, Европската Унија, Европската централна банка, туку дополнително забавување на растот“.

Ова го изјави гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, во интервју за „Радио Слободна Европа“.

Централната банка направи надолна ревизија на проекциите за економскиот раст на земјава за оваа и следната година, со коja за 2022 година се очекува економски раст од 2,9%, додека за 2023 година раст од 3,6%.

Гувернерката посочува дека војната во Украина има ефекти врз глобалната економија преку повеќе канали. Првиот канал е високиот раст на цените на примарните производи, особено на храната и на енергијата, имајќи ја предвид улогата којашто Русија и Украина ја имаат на овие пазари. Друг значаен канал е намалувањето на трговијата, ММФ предвидува забавување на стапката на раст на глобалната трговија и од 10% минатата година таа би се свела на 5% оваа година. Значаен канал е и затегнувањето на финансиските услови на меѓународните финансиски пазари. Последниот, но многу значаен канал, е намалувањето на довербата кај инвеститорите и потрошувачите.

Таа истакнува дека за нашата економија е специфично дека нема позначајни директни финансиски и трговски врски со Русија и Украина. Трговијата со нив учествува со околу 2% во вкупната трговија. Финансиските врски се релативно слаби: странските директни инвестиции оттаму се помалку од 1%, приватните трансфери имаат незначително учество, а не се присутни руски и украински финансиски институции.