Ангеловска-Бежоска: Менувањето денари во девизи е непотребен трошок за граѓаните!
„Народна банка стои зад тоа дека денарот е стабилен и ќе остане и понатаму стабилен. Нема причина за промена на курсот, тоа никому нема да му користи“. Ова во интервју за МИА го вели гувернерката на Народната банка – Анита Ангеловска-Бежоска.
Таа посочува дека Народната банка има капацитет и инструментариум да го одбрани курсот на денарот, доколку се јави потреба за тоа, за што говорат и изминатите речиси 3 децении, кога низ многу кризи успешно е одржана стабилноста на домашната валута.
Девизните резерви се високи и изнесуваат 3,4 милијарди евра или се на двојно повисоко ниво во однос на 2008 година, која беше година на глобална финансиска криза, а стабилноста на денарот беше успешно задржана.
Во однос на информациите дека на пазарот нема девизи, гувернерката вели дека тоа не е точно и апелира до граѓаните да не подлегнуваат на ваквите шпекулации.
„Морам да го адресирам ова прашање, бидејќи реално овие шпекулации на граѓаните им создаваат материјална штета. Сведоци сме дека, во време кога се зборува за криза, сè уште дел граѓани прибегнуваат кон претворање на заштедите во девизни или да купуваат девизна готовина. Покрај тоа, се јавуваат и шпекулации дека на пазарот нема девизи, што апсолутно не е точно. На овој начин се прави неосновна паника и граѓаните, врз основа на шпекулации, плаќаат и повисока цена за промена на валутите и губат средства“ – нагласува гувернерката.
Во однос на инфлацијата кај нас, присутни се нагорни ценовни движења – феномен присутен во сите земји во моментов. Овој феномен е главно одраз на раст на светските цени на примарните производи (храна и енергија), но и погенерално раст на увозните цени на другите производи. Ова особено доаѓа до израз во економии кои се увозно зависни, односно каде значен дел од потрошувачката е увезен, како што е нашата економија. Всушност, ние сме трговски најотворена економија во регионот на Западен Балкан, а во регионот на Централна Југоисточна Европа сме петти по отвореност, смета Ангеловска-Бежоска.
„Доколку се јават поизразени притисоци од страна на побарувачката, не треба да има дилема дека Народната банка навремено ќе реагира со инструментариумот што го има на располагање. Дневно ги следиме случувањата дома и надвор. Најмалку еднаш месечно целосно се преиспитува поставеноста на монетарната политика. Меѓународните финансиски институции оценуваат дека Народната банка води соодветна монетарна политика“ вели гуварнерката.
Категорична е дека „Народната банка стои зад тоа дека денарот е стабилен и ќе остане и понатаму стабилен. Нема причина за промена на курсот, тоа никому нема да му користи“.