Ангеловска-Бежоска: Каматните стапки ќе одат нагоре!

„Очекувањата се дека каматните стапки ќе одат нагоре, но се прават обиди тоа да биде умерено и да не се одрази значително кај населението и корпоративниот сектор“.

Ова денеска го изјави гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска. Таа по објавувањето на пролетните макроекономски проекции рече дека затегнувањето на монетарната политика се прави внимателно и умерено за да нема нагли промени кај активните каматни стапки.

„На глобалните финансиски пазари веќе одреден период има нагорно поместување на каматните стапки. Ние сме дел од глобалниот трговски и финансиски систем и тоа што се случува во глобалната економија, има влијание и кај нас. Оттаму, како централна банка почнавме со затегнување на монетарната политика, но тоа го правиме внимателно и поумерено со цел да нема нагли промени кај активните каматни стапки“ – рече Ангеловска-Бежоска.

Народната банка на двапати ја зголеми основната каматна стапка по 0,25 процентни поени и таа сега е на ниво од 1,75 проценти.