Ангеловска-Бежоска и Бесими едногласни: Денарот и финансискиот систем ќе останат стабилни!
„Соодветното ниво на девизните резерви овозможува доволен простор за обезбедување доволна девизна ликвидност на домашната економија, а денарот и финансискиот систем ќе останат стабилни. Министерството за финансии и Народната банка (НБ) будно ги следат состојбите, при што навремено се разменуваат информациите и ќе се реагира соодветно на случувањата, секој во рамки на надлежностите на својот мандат“.
Ова е заклучокот по денешната средба помеѓу гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска и министерот за финансии Фатмир Бесими на која стана збор за актуелните меѓународни случувања, ефектите врз глобалната економија, како и очекувањата за македонската економија од руско-украинскиот конфликт.
Од НБ информираат дека било посочено дека светот се соочува со уште еден нов глобален предизвик по пандемијата. Почетокот на руско-украинската војна имаше ефект врз глобалните пазари и инвеститорите. Цените на примарните производи, храната и енергенсите пораснаа, додека цените на акциите се намалија, што е очекувано однесување кај инвеститорите во вакви случаи. Ова ќе повлијае и на процесот на опоравување на глобалните синџири, со оглед на улогата на Русија и Украина во нив, како едни од најголемите производители на енергенси и жито.
„Директната изложеност на нашата економија кон овие две економии е многу мала. Тие не се присутни во финансискиот сектор, а странските директни инвестиции и дознаките кои доаѓаат оттаму, имаат учество под 1 отсто во вкупните вредности. Но, со оглед на учеството на Русија и Украина во понудата на глобалните пазари на суровини, очекувани се индиректни ефекти преку цените на примарните производи. Дополнително, доколку овие состојби се одразат на растот на европската економија, можно е влијание и врз инвестициите – домашни и странски, а со тоа и влијание врз економската активност“ – порачуваат од НБ.