Ангеловска-Бежоска: Ефектите врз домашното стопанство зависат од европската економија

Нашата економија, како мала и отворена е високо зависна од случувањата во европската економија. Засега не се очекува рецесија во Европската Унија. Европската централна банка, и покрај новонастаната ситуација со Украина, очекува годинава ЕУ да има раст, иако помал од првично очекуваниот. Сепак, ризиците се присутни и тие зависат од развојот на настаните, санкциите и времетраењето на кризата“. Ова во интервју за МТВ го вели гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска.

„Ние сме отворена економија со многу силни врски со европската. Европската економија е наш најзначаен трговски партнер, каде извезуваме 77 отсто од вкупниот извоз. Европската централна банка излезе со три прелиминарни сценарија, во зависност од развојот на тековните случувања во Украина. Сепак, би потенцирала дека оваа состојба е навистина неизвесна и тешко е било која централна банка да ги прави проекциите тековно, токму поради голема неизвесност“ – посочува Ангеловска-Бежоска.

Гувернерката вели дека засега се зборува за три канали преку кои руско-украинската војна би можела да ја погоди европската економија.

„Нашата економија нема директна изложеност кон руската и украинската економија. Сепак, постојат ризици преку нашата поврзаност со европската економија“ смета таа.