Ангеловска-Бежоска – Гир: Членството во СЕПА е еден од приоритетите на ЕУ за побрза интеграција на земјите од Западен Балкан
Амбасадорот Гир ги поздрави напорите на Народната банка за подготовка и поднесување на барањето за членството во СЕПА коешто е еден од седумте приоритети за зајакнување на економско интегрирање согласно Планот на Европската комисија за раст и побрза интеграција на регионот на Западен Балкан.
Поднесувањето на апликацијата за пристапување кон Единствената област за плаќање со евра СЕПА е историски значаен чекор што ќе ни овозможи пристап до европскиот платежен систем и користење на придобивките од тоа и пред земјава да биде членка на ЕУ. Ова беше констатирано на работната средба којашто гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска ја имаше со амбасадорот на Европската Унија во земјава, Дејвид Гир.
Гувернерката Ангеловска-Бежоска потенцира дека придобивките од членството на земјава во СЕПА за граѓаните и за компаниите ќе бидат големи и ќе значи пред сѐ, поевтин, побрз, безбеден, едноставен и ефикасен начин (еднаков на националните плаќања) за безготовински плаќања во евра кон земјите членки на СЕПА. Гувернерката посочи дека земјава очекува позитивна одлука од Европскиот Совет за плаќања, по што би се случило ефективното пристапување со вклучување на домашните даватели на платежни услуги во платните системи во СЕПА.
На средбата беше разговарано и за повеќе актуелни прашања во делот на макроекономските остварувања, економските движења, инфлациските и девизните состојби, како и состојбите во банкарскиот сектор.