Ангеловска-Бежоска: Банкарскиот сектор е во добра кондиција!
„Банкарскиот сектор кај нас, според последните расположливи податоци, има капацитет за справување со евентуални шокови, а истовремено за обезбедување солидна кредитна поддршка за закрепнувањето на економијата. Адекватноста на капиталот забележува една од највисоките стапки што сме ги имале последните десетина година, банките се ликвидни, а нефункционалните кредити на ниско ниво. Директната изложеност на банките кон руската и украинската економија е минимална, додека руски и украински банки нема кај нас“. Ова го изјави гувернерката на Народната банка – Анита Ангеловска-Бежоска во гостување на МТВ.
Таа посочува дека капацитетот на банкарскиот систем јакне и во овие неизвесни времиња.
„Адекватноста на капиталот изнесува 17,3%, што претставува повисоко ниво во однос на преткризното ниво и е една од највисоките стапки што сме ги имале, воопшто, во последните десетина години. Ликвидноста, исто така, е на солидно ниво, всушност кај нас банкарскиот систем традиционално се одликува со високо ниво на ликвидност. Нефункционалните кредити воопшто не пораснаа во текот на овој кризен период. Напротив, тие постепено, умерено се намалуваа и сега изнесуваат околу 3,3% во вкупните кредити“ – вели Ангеловска-Бежоска.
Гувернерката посочува дека и натаму има тренд на раст на депозитите, но не треба ниту да има позначителни придвижувања кај депозитите во нашиот банкарски сектор поради случувањата во Украина, бидејќи нема причина за тоа.