
Ангелова: УКИМ денес е пример за отворен, инклузивен и проактивен универзитет
Во изминатите две години, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј" во Скопје активно ја реализира визијата за отворен универзитет заснован на европски вредности, интернационализација, иновации и напреден технолошки трансфер кон општеството и економијата. Преку учество во програмите како Еразмус+, Horizon Europe, Digital Europe, IPA и многу други, УКИМ се позиционира како водечка институција во земјата и регионот со силна меѓународна вмреженост и потенцијал за иновации.
Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“- Скопје предложил 9.800 места за бруцоши во новата академска 2025/2026 година. Конкурсот ќе го распише овој месец откако предлогот за слободни места ќе биде одобрен од Владата.
Ректорката проф. д-р Биљана Ангелова во интервју за МИА вели дека студиските програми на факултетите во состав на УКИМ постојано се приспособуваат или се воведуваат нови кои одговараат на тековните технолошки и општествени трендови, со практична настава во соработка со стопанството. Програмите со континуирано ниска атрактивност и резултати, вели таа, може да бидат редуцирани или интегрирани.
За година и пол очекува целосно да заврши стратешкиот проект – дигитализација на Универзитетот, кој почна минатиот месец и ќе се реализира етапно. Ќе бидат воведувани многу дигитални сервиси што ќе овозможат документи во електронска форма, меѓу кои потврда за редовен студент, уверение за положени испити и УППИ образец, електронска пријава за испит и најпосле електронски индекс.
По две години на чело на најстариот и најголем универзитет во државава, Ангелова смета дека Скопскиот универзитет се позиционира како водечка институција во земјата и регионот со силна меѓународна вмреженост и потенцијал за иновации.
– УКИМ денес стои како пример за отворен, инклузивен и проактивен универзитет, кој не само што ги следи европските вредности, туку активно учествува во нивното дефинирање и промовирање преку образование, истражување и иновации, истакнува ректорката за МИА.
Според неа, за да се зајакне видливоста и позицијата на Скопскиот универзитет на меѓународните ранг-листи, неопходно е да се анализираат трендовите на истражувачката продукција – дали се во пораст, стагнација или опаѓање – и да се применат најефикасните алатки за проценка на академскиот кадар.
Во продолжение интервјуто на проф. д-р Биљана Ангелова, ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“- Скопје:
– Кога Скопскиот универзитет ќе го објави конкурсот за запишување студенти во прва година во академската 2025/2026 и колку слободни места се планираат?
– Согласно Законот за високото образование, Конкурсот за запишување студенти во прва година во академската 2025/2026 Универзитетот ќе го објави веднаш по објавувањето на Одлуката на Владата за бројот на студентите за запишување во прва година – прв циклус на студии на јавните високообразовни установи за оваа академска година. Универзитетот во март оваа година предложи до Владата да се распише Конкурс за 9.800 слободни места (4.760 во државна квота и 4.210 со кофинансирање), но Владата го има конечниот збор при одредувањето на бројот на новите студенти.
Очекуваме овој месец јуни Владата да ја донесе Одлуката за бројот на студентите за запишување во прва година – прв циклус на студии на јавните високообразовни установи за оваа академска година и веднаш потоа Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ ќе го објави Конкурсот.
Се очекува ли измена на студиските програми – акредитирање на нови или кратење на некои што се неефикасни? Дали во креирањето на квотите се следат и потребите на пазарот на трудот?
– Постапката за акредитирање нови, односно повторно акредитирање на постојните студиски програми се одвива во континуитет. Во постапката, еден од првите чекори е обезбедувањето на мислењето на одборот за соработка со стопанството за потребите од посакуваниот профил на пазарот на трудот.
Сепак, одлуките за квотите често вклучуваат и други фактори, како што се: националниот интерес во градење и заштита на националниот идентитет, култура и јазик, понатаму, создавање кадри за образование, култура, истражување и институционалната автономија. Што се однесува до фундаменталните науки, без оглед на интересот за нив, тие не смеат да згаснат.
УКИМ во континуитет ги прилагодува своите студиски програми и воведува нови кои одговараат на тековните технолошки и општествени трендови, со практична настава во соработка со стопанството.
Програмите со континуирано ниска атрактивност и резултати може да бидат редуцирани или интегрирани.
Во март најавивте почеток на целосна дигитална трансформација на УКИМ – дали до новата академска година ќе бидат дигитализирани некои основни студентски сервиси? Кога ќе биде воведен електронскиот индекс?
– Проектот за дигитализација на УКИМ е еден од стратешките приоритети на УКИМ. Проектот започна во мај, а реализацијата ќе се одвива етапно но не подолго од 18 месеци. Круцијалните активности е да се осовременат и воведат дигитални сервиси и тоа: преработка и осовременување на употребените технологии, базата на податоци и програмскиот код на iKnow-системот; воведување функционалност за двефакторна автентикација на корисници на iKnow-системот; развој на платформа за дигитално потпишување документи; воведување сервис за издавање дигитално потпишани документи; воведување функционалност во iKnow-системот за издавање документи во електронска форма, како што се потврда за редовен студент, уверение за положени испити и УППИ образец; воведување електронска пријава за испит и електронски индекс; надградба и осовременување на Репозиториумот на трудови на УКИМ; и развој на е-библиотека во рамки на платформата iLearn.
Вашата визија при стапувањето на ректорската функција пред две години беше отворен универзитет – со европски вредности и видлив на меѓународниот високообразовен и научноистражувачки простор, интернационализација на УКИМ, како и развој на универзитетското претприемништво односно иновации и технолошки трансфер на знаење кон бизнис-секторот. Каде е УКИМ на тој пат?
– Во изминатите две години, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје активно ја реализира визијата за отворен универзитет заснован на европски вредности, интернационализација, иновации и напреден технолошки трансфер кон општеството и економијата. Преку учество во програмите како Еразмус+, Horizon Europe, Digital Europe, IPA и многу други, УКИМ се позиционира како водечка институција во земјата и регионот со силна меѓународна вмреженост и потенцијал за иновации.
Програмата Еразмус+ игра суштинска улога во интернационализацијата на УКИМ, овозможувајќи академска мобилност и развој на нови образовни практики. Со повеќе од 400 активни интер-институционални договори, студентите и професоритеук од УКИМ имаат можност да студираат и предаваат на престижни европски универзитети, додека Универзитетот е домаќин на сѐ поголем број странски студенти и професори. Вклученоста во повеќе Еразмус+ проекти, како што се 1FUTURE, GreenWB, INTRABUILD, BraVE, JoPScip и CyberMACS, придонесува за развој на академското претприемништво, зелени иновации, дигитална безбедност и европски образовни програми.
Проектот CyberMACS, кој претставува првиот Erasmus Mundus Joint Master’s Degree во кој УКИМ учествува како единствена високообразовна институција од Северна Македонија, е врвен пример за успех во интернационализацијата и дигиталната трансформација. Исто така, учеството на УКИМ во програми како Horizon Europe, IPA и Digital Europe преку проекти како EMERGE, ISRA, CRISIS, MkSafeNet, EuroCC4SEE, PROMETHEUS и други, овозможува силна поддршка за научноистражувачката дејност, развој на човечки капацитети и унапредување на институционалните иновации.
Бизнис Акцелераторот на УКИМ (BAU) претставува клучен столб во развојот на универзитетското претприемништво и трансфер на знаење. Преку поддршка на стартапи, иновациски активности и вмрежување со Европскиот институт за иновации и технологија (EIT), BAU ја зајакнува врската помеѓу академската заедница и стопанството. Дополнително, УКИМ како координатор на Enterprise Europe Network (EEN) обезбедува директна поддршка за малите и средните претпријатија преку трансфер на технологии, вмрежување и учество во европски истражувачки иницијативи.
Во насока на зацврстување на интернационалниот карактер, УКИМ воспоставува стратешко присуство во академските мрежи како UNICA, EUA, UniAdrion, Thetys и EAIE. Овие партнерства овозможуваат директно учество во европските образовни и научни политики, заеднички истражувања и академска размена.
Центарот за напредни интердисциплинарни истражувања (ЦеНИИс) и иницијативата ResearchNet дополнително ја зајакнуваат истражувачката инфраструктура на УКИМ преку интердисциплинарна соработка, поврзување со истражувачи од странство и стимулирање на отворена научна култура.
УКИМ денес стои како пример за отворен, инклузивен и проактивен универзитет, кој не само што ги следи европските вредности, туку активно учествува во нивното дефинирање и промовирање преку образование, истражување и иновации.
УКИМ е репрезент на македонското високо образование – што е клучното што ќе овозможи да биде препознат на реномирани меѓународни рангирања на универзитети, како што е Шангајската листа?
– Секоја единица во рамките на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје игра суштинска улога во заедничките истражувачки достигнувања на Универзитетот. Разновидноста на дисциплини, духот на соработка и посветеноста на извонредноста
Како што Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје продолжува да ја гради својата традиција на академска извонредност и истражувачки иновации, потребата да се одржи и прошири оваа насока никогаш не била поголема. Анализата на податоци од Scopus и Web of Science (WoS) во последните три децении покажува општ раст во истражувачката продукција, но и периоди на стагнација и опаѓање, како и промени во трендовите поврзани со динамиката на цитирање, типовите на објави и меѓународната соработка.
Унапредувањето на проценката на истражувањата бара имплементација на ефикасни алатки кои овозможуваат подобра евалуација, транспарентност и мерење на влијанието. За да се зајакне видливоста и позицијата на Универзитетот на ранг-листите, неопходно е да се анализираат трендовите на истражувачката продукција – дали се во пораст, стагнација или опаѓање – и да се применат најефикасните алатки за проценка на академскиот кадар. Клучни алатки за проценка на истражувањето се: цитатна и библиометриска анализа – Алатки како Web of Science и Scopus го мерат истражувачкото влијание преку анализа на цитати и библиометриски индикатори, вклучително и h-индексот. Потребна е и поголема видливост и продуктивност на истражувањата – платформи како ORCID го унапредуваат истражувачкиот профил на универзитетот преку следење и промоција на научните придонеси. Понатака, рецензирање и оценка на квалитетот со алатки како Publons кои го препознаваат и оценуваат квалитетот на истражувањата преку следење на процесот на рецензирање.
Во последно време сѐ повеќе се зборува за транспарентност и репродуцибилност која се постигнува преку Open Science Framework (OSF) платформа која обезбедува истражувачки интегритет и поддржува споделување на податоци. И, секако, напредните аналитички алатки базирани на вештачка интелигенција кои помагаат во откривање трендови, предвидување цитирања и проценка на истражувачкото влијание.
Преку стратешка интеграција на овие алатки, универзитетот може да ја оптимизира проценката на истражувањата, да ја подобри академската изведба и да ја засили својата позиција на глобалните ранг-листи.