
Лидерот на опозицијата, Венко Филипче, тврди дека власта е против декласификација на документацијата, поради стравот да не излезат на виделина информации за сомнителни странски финансиски извори поврзани со ВМРО-ДПМНЕ.
„Имаше сомнителни извори на унгарскиот кредит, дали се тоа кинески или руски пари, никој не знае. Гледате каков е сојузот помеѓу Русија и Кина на светско ниво. Дел од сознанијата во врска со финансии коишто доаѓаа за време на нашето владеење кон некои структури – исто така. Можеби е тоа една од темите коишто ќе излезат ако се декласифицираат овие податоци сега од АНБ. Мислам дека власта нема да го направи, поради тоа што сметам дека ќе избега од таа тема“, рече Филипче во интервју за „Слободен печат“.
Филипче вели дека специфично прашање е дали со тие групи кои што биле пратени и биле обработувани материјали согласно капацитетот и ингеренциите на Агенцијата за национална безбедност, комуницирал и премиерот и зошто комуницирал.
„Дали тој бил директно пратен или комуницирал со некој кои што биле пратени заради сомнителни активности? И тоа е исклучително прашање. Апелирам да во што пократок рок тие документи се декласифицираат и јавноста да знае за што станува збор“, порача тој.
ВМРО-ДПМНЕ, пак, бара Јавното oбвинителство на чело со Љупчо Коцевски да истражат кој дал наредба за следење. Тие тврдат дека таргет бил и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, за „Њузмак Балканс“ вчера посочил дека со овој скандал се отвораат повеќе прашања, за тоа како и зошто тие лица се избрани за прислушкување, каде завршувале информациите и која била целта на наредбодавецот.
„Се работи за тоа дека Агенцијата за национална безбедност и Агенцијата за разузнавање во периодот од пет години помеѓу 2019 и 2024 злоупотребувала државни ресурси за оперативно следење и оперативна обработка на лидерот на опозицијата на бизнисмени, на новинари, на медиуми. ЈО одбива да даде повеќе информации, ние не знаеме дали ќе биде оформен предмет, ваков сериозен скандал се граничи и со државен удар, бидејќи вие ако злоупотребите една ваква служба и ресурсите на државниот систем, за да вие правите опсервација на лидер на опозиција, на бизнисмени, на новинари, без претходно да имате добиено дозвола согласно законите од обвинителството, вие правите и државен удар. Треба тие лица кои тоа го дозволиле и коишто тоа го знаеле да бидат повикани на одговорност и да се запрашаат“, рече Стојановски.
Од ВМРО-ДПМНЕ излегоа и со соопштение:
„Правосудните органи веќе треба да се отрезнат и да се фатат за работа. Народот не ги плаќа да се кријат зад паушални соопштенија и да молчат во моменти кога треба да се најгласни и најактивни во целосно расветлување на вистината. Јавното обвинителство до сега веќе требаше да отвори истрага за да ги истражи сите наводи на, до сега, најголемиот скандал за прислушкување и следење на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски“, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Но, според нив, обвинителството на Љупчо Коцевски со денови молчи по откривањето на скандалозното следење и прислушкување на Мицкоски, новинари и бизнисмени од страна на службите за безбедност и разузнавање во периодот на власт на СДСМ.
Дали молкот на обвинителството и на Коцевски како негов прв човек, е затоа што тој знаел се, затоа што во периодот на прислушкување како обвинител бил задолжен од ЈО за следење на издавањето на ПИ мерки?
„Во својата шема за опстанок на власт, СДС ги вплетка не само службите, туку и јавното обвинителство, па цели пет години се што по нивна процена им го загрозува опстанокот на власт.
Затоа потребна е итна истражна постапка која ќе ја открие целата вистина и сите инволвирани лица, од извршители и помагачи, до оние кои ја дале наредбата за злоупотреба на службите со цел незаконско и неосновано следење на претседателот Мицкоски, како тогашен лидер на најголемата опозициска партија.
Одговорност за овој случај мора да има. Пред лицето на правдата да се изведат како извршителите, така и наредбодавците.
А, Коцевски и ЈО треба да си ја сработат работата и да даваат јасни и прецизни одговори на сите прашања, дилеми и основани сомненија“, стои во реакцијата.